– Со проектот беа опфатени повеќе кујнски и трпезни садови и неколку светилки, но меѓу нив особено се издвојува еден кратер, односно сад што служел за сервирање вино помешано со вода. Посебноста на кратерот доаѓа од неговите реткост, украсеност, висок степен на зачуваност и затворен контекст на откривање. Површината на кратерот е украсена со четири медалјони во кои релјефно се претставени глава на Силен, богот Дионис, божицата Артемида и уште една сè уште неидентификувана претстава. Имено, кратерот е откриен на подно ниво во куќа за живеење од доцниот 2, раниот 1 век пр. н. е. и е единствен од таков вид во Р Македонија, а за кој сè уште нè ни се познати аналогни примери од Балканот – вели за весникот ВЕЧЕР Златко Кованцалиев, археолог – виш кустос во НУ Музеј Гевгелија
Вардарски Рид е значајно археолошко наоѓалиште сместено во близина на Гевгелија, покрај текот на реката Вардар. Населбата била активно населена повеќе од 1.000 години, односно од крајот на бронзеното време, па сè до втората половина на 1 век од н. е. Систематските ископувања на Вардарски Рид почнале во 1994 г., во организација на тогашниот Народен музеј од Гевгелија, подоцна продолжиле во соработка со Музејот на Македонија од Скопје, а до денес ги реализира НУ Музеј Гевгелија. За ископувањата во текот на 2026 година, за весникот ВЕЧЕР разговаравме со м-р Златко Кованцалиев, раководител на истражувањата и археолог – виш кустос во НУ Музеј Гевгелија.
Какви активности се вршени на Вардарски Рид годинава и кој учествуваше во истражувањата?
Оваа година се одвиваше четвртата сезона од систематските археолошки истражувања на Вардарски Рид, во рамките на проектот „Гортинија по доаѓањето на Римјаните“. Во изминативе години се вршеа ископувања на јужната тераса од локалитетот, каде што беше откриен објект за живеење од доцниот 2 век пр. н. е. Истражувањата се дел од годишната програма на Националната установа Музеј Гевгелија, финансирани од Министерството за култура и туризам. Стручниот тим го сочинуваа: м-р Милена Решкова, археолог од НУ Стоби, како заменик-раководител; Бобан Хусеновски, археолог – стручен соработник и м-р Кристијан Тошески, стручен соработник за фотограметриско документирање, кој е докторанд на Универзитетот „Квинс“ во Кингстон, Канада.

Што беше предмет на Вашиот интерес на овој локалитет?
Се истражуваше на јужната тераса од локалитетот, каде што беше продолжено со откривање објект за живеење од доцниот 2 – раниот 1. век пр. н. е. Во овој објект се работеше на две локации. Првата локација беше просторијата која почна да се открива во 2025 година и за која сегашното размислување сè уште е дека станува збор за бања или тоалет. Нејзиниот под е од хидростатен (водоотпорен) малтер, во кој, слично како и при изработката на мозаик, густо се редени мали правоаголни тули. Се покажа дека оваа бања или тоалет е многу поголема од тоа што очекувавме, поради што не успеавме целосно да ја откриеме. До неа почна да се открива уште една просторија, која содржеше складиштен сад со огромни димензии, а до него уште еден помал складиштен сад. Просторијата не беше целосно истражена, но наодите ја идентификуваат како магацински простор за складирање храна, а се очекува во близина да биде пронајдена и просторијата за готвење. Втората локација на која се ископуваше беше на западниот крај од објектот, каде што почна да се открива внатрешниот двор од куќата. Дворот е поплочен со камени плочи, а одоколу, на различно растојание се поставени квадратни камени блокови, кои служеле како база за дрвените столбови што ги носеле тремовите околу дворот.

Дали имаше некакво особено изненадување?
Она што годинава особено нè изненади е откривањето на три погребувања со инхумирани покојници врз поплочувањето од дворот. Во нивна близина, во 2025 година беше откриено уште едно погребување. Станува збор за подоцнежни погребувања, односно кога повеќе не се употребувал објектот за живеење. Во отсуство на гробни прилози, а врз основа на стратиграфската поставеност и положбата на покојниците, односно пружената положба на грб, со поглед кон изгревот на сонцето, сегашните размислувања се во насока дека погребувањата датираат од средновековниот период. Во прилог кон ваквата претпоставка се резултатите од ископувањата во минатото, кога на повисокиот рид (рид 1) од локалитетот се истражени повеќе погребувања со слични карактеристики, кои се определени како христијански. И во нив гробните прилози се ретки, но оние неколку датираат од XI и XII од н. е. Новооткриените погребувања ја надополнуваат сликата за овој период, така што ги прошируваат познатите граници на средновековната некропола на двата рида од локалитетот.

Кои наоди би ги издвоиле како особено интересни?
Во смисла на интересни наоди, годинава беше откриен еден кернос, односно светилка што најчесто била наменета за светилиштата и за ритуалните активности. Станува збор за кружна керамичка цевка на која се поставени повеќе светилки. Нашиот примерок, веројатно, имал шест светилки. Зачувана е половина од цевката со отворот за полнење и три од светилките. Во непосредна близина на керносот, во 2024 година беше откриена целосно зачувана бронзена светилка со три фитилници, која, исто така, се поврзува со ритуалните активности. Ваквите наоди нè наведуваат дека во иднина, на овој простор може да се очекува откривање домашен олтар посветен на одредено божество. Кон крајот на минатата и почетокот на оваа година, се извршија конзерваторски истражувања и се изработи проект за конзервација на керамиката откриена при ископувањата во 2024 и 2025 година. Со проектот беа опфатени повеќе кујнски и трпезни садови и неколку светилки, но меѓу нив особено се издвојува еден кратер, односно сад што служел за сервирање вино помешано со вода. Посебноста на кратерот доаѓа од неговите реткост, украсеност, висок степен на зачуваност и затворен контекст на откривање. Површината на кратерот е украсена со четири медалјони во кои релјефно се претставени глава на Силен, богот Дионис, божицата Артемида и уште една сè уште неидентификувана претстава. Имено, кратерот е откриен на подно ниво во куќа за живеење од доцниот 2, раниот 1 век пр. н. е. и ѐ единствен од таков тип во Р Македонија, а за кој сè уште нè ни се познати аналогни примери од Балканот. На крајот, би сакал да упатам благодарност до Министерството за култура и туризам за континуираната финансиска поддршка на истражувањата, како и на тимот што учествуваше во ископувањата. Истовремено, му благодарам на ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија, кое помогна во отстранувањето на огромните паднати дрвја од силната бура што им претходеше на истражувањата. Им благодарам и на двајцата наши сограѓани што изразија интерес и помогнаа еден ден со учество во ископувањата.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ











