недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Цела Газа е огромна масовна гробница: Под урнатините можеби до 10.000 тела

Цела Газа е огромна масовна гробница: Под урнатините можеби до 10.000 тела

0

Во Појасот Газа се наоѓаат околу 61 милион тони урнатини, а се проценува дека под нив би можеле да се наоѓаат меѓу 8.000 и 10.000 тела, додека хуманитарните работници се соочуваат со една од најголемите операции за отстранување на воени остатоци во современата историја.

Обединетите нации проценуваат дека отстранувањето на поголемиот дел од урнатините би можело да трае најмалку седум до десет години и да чини милијарди долари. Специјалниот претставник на Програмата за развој на ОН (UNDP) за Палестина, Јако Силиерс, изјави дека количината на отпад во Газа изнесува приближно 20 пати повеќе од количината на урнатини создадени во сите војни ширум светот во изминатите 18 години.

Тимовите на Светската програма за храна (WFP) и UNDP работат на расчистување на патиштата и повторно воспоставување пристап до населбите, но операциите се одвиваат во исклучително опасни услови поради можноста под урнатините да се наоѓаат човечки останки и неексплодирани убојни средства, пишува „Гардијан“.

Досега се расчистени околу 580 километри патишта, со што се овозможи движење на хуманитарните конвои, спасувачките екипи и населението. По повеќе од две години работа, отстранети се околу 907.000 тони урнатини, од кои повеќе од 300.000 тони се рециклирани и повторно искористени.

Тоа, меѓутоа, претставува само околу 1,5 отсто од вкупната проценета количина на отпад.

Работата дополнително се отежнува поради недостатокот на тешка механизација, резервни делови, гориво и други материјали.

Од ОН наведуваат дека израелските власти го ограничиле влезот на дел од опремата со образложение дека би можела да има двојна намена и да биде искористена од страна на Хамас.

UNDP во моментов управува со пет локации за дробење и обработка на урнатините. Бетонот се одвојува од металот и другите материјали, се дроби и повторно се користи, главно за поправка на патиштата, пополнување дупки и подигање на површините под шаторите и привремените засолништа за да се заштити населението од дождовница и канализациски води.

ИЗДВОЕНИ