Околу 50 претставници од банкарскиот сектор учествуваа на работилница посветена на проектот „Е-Фактура“, која ја организираше Управата за јавни приходи во соработка со Македонската банкарска асоцијација.
На средбата беа презентирани системот е-Фактура, неговата функционалност и можностите, а претставниците на банките имаа можност практично да се запознаат со неговото користење, вклучително и со процесот на креирање електронска фактура.
Вклучувањето на банкарскиот сектор во процесот е значајно поради неговата улога во електронското и во безготовинското плаќање. Од УЈП оценуваат дека навременото запознавање на банките со новите дигитални процеси ќе овозможи полесна примена на системот во практиката.
Работилницата е дел од активностите што ги спроведува УЈП пред воведувањето и унапредувањето на е-Фактура, со цел различните категории корисници навреме да бидат информирани и подготвени за новиот систем. Во изминатиот период беа организирани средби и работилници и со шпедитери, општини, јавни претпријатија и со компании.
Од УЈП најавуваат дека ќе продолжат активностите и во наредниот период, со фокус на информирањето, практичната поддршка и тестирањето на системот. Целта е процесот на фактурирање постепено да стане поефикасен и целосно дигитализиран, со поголема поврзаност меѓу институциите и деловниот сектор.












