План „Б“ ќе го активира група поранешни функционери на СДСМ организирани во Платформа 12.05 доколку лидерот на оваа партија, Венко Филипче, претстојната недела одбие да замине од челната позиција во најголемата опозициска партија. Енигма е какви чекори ќе бидат преземени со кои Филипче би се присилил да замине, но извесно е дека тоа ќе биде внатрешно дејствување што го овозможува важечкиот партиски Статут. Претходно, на Венко Филипче ќе му биде овозможено да се изјасни за планот „А“ за консолидација и структурни промени во партијата.
– Во текот на неделава, на лидерот Филипче ќе му биде доставена нашата стратегија, без оглед дали ќе има повик или не. Нема да чекаме повик. Дотогаш принципиелно рековме дека нема да објавуваме ништо. Да оставиме претседателот на партијата да ја разгледа. Дали ќе му треба еден, два дена, еден час или десет минути, тоа е негово. Но, апсолутно нема да оставиме работите да бидат вака и СДСМ и понатаму поради лошата политика да остане заложник на ВМРО-ДПМНЕ – изјави вчера пратеничката Славјанка Петровска, дел од оваа групација во интервју за телевизијата Сител.
На прашањето дали постојат институционални механизми во партијата доколку раководство ја одбие стратегијата таа одговори потврдно.
– Механизми постојат многу и иако Статутот е направен така што навидум гарантира цврста позиција на раководството, не е баш така. Но, ќе почекаме неколку дена , ќе ја доставиме програмата па подоцна ќе го соопштиме нашиот следен чекор. Се разбира дека го имаме разработено и сценариото „А“ и сценариото „Б“ – најави Петровска.
Игор Ивановски, еден од лидерите на Платформата, пред вчерашното одржување нова трибина „Разговори за Македонија“ рече дека условот да седнат на иста маса со Филипче е прво тој да прифати дека ќе си оди од лидерската позиција, па потоа да се разговара за консолидирање на партијата.
– Ќе му го доставиме нашиот план за отворање консолидација, стабилизација и структурни промени во СДСМ. Од него зависи колку побрзо ќе се започне овој процес на вистински промени во СДСМ, за да на следните избори, опозицискиот фронт да биде во кондиција да ја порази оваа власт. Ако остане како што е сега, тоа никогаш нема да се случи. Јас знам дека на Венко Филипче му е тешко. И ќе му биде уште потешко. Но не смее да му биде потешко на СДСМ. Тој има шанса, барем на крајот, со своите постапки да помогне оваа, во моментов, заробена партија, да се отвори и да му се врати на членството. Низ една нормална демократска постапка, процедури и членството, на крајот, ќе одлучува – вели Ивановски.
На трибината присуствуваше и пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, кој своето учество го објасни со одговорноста на неговата партија.
– Сметаме дека како опозициска партија имаме одговорност и за нас, како Левица. Времето е созреано да разговараме со различни опозициски елементи во општеството и да видиме дали може да се изгради заеднички јазик околу прашањата што денес се суштински за државата, сметајќи дека сега е време да се направи рез. Левица има задача да го артикулира, организира и да го мобилизира опозицискиот одговор против антинародната власт – посочи Мециновиќ.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната партиска прес-конференција заедно со партиското раководство порача дека барањата нема да поминат.
– Спремен сум да дебатирам со кој било ако има добра намера. Но, гледаме што им е намерата. Тие луѓе би направиле и пакт со ѓаволот само да си ги остварат интересите. Сакаат да дефокусираат кога отвораме најголеми криминали на власта. Нема да им помине бидејќи имаме малку поголема мудрост отколку што мислат. Седнаа со партијата Левица, која во парламентот истакна транспарент „НАТО – убици“ во ситуација кога Радмила Шеќеринска е заменик-генерален секретар на НАТО. СДСМ докажа и покажа дека е единствен опозициски бастион и носител на опозициското движење во земјава. Вистината ќе излезе на виделина и тие ќе се срамат од своите постапки. Но Мицкоски ги пратил да дефокусираат бидејќи му паѓа рејтингот, а нашиот расте и не знае како поинаку – нагласи Филипче потсетувајќи дека ја презел партијата во најтешко време и ја вратил на патот на консолидацијата.
На ова од Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ реагираа и го обвинија Филипче и тесниот круг околу него претставуваат фракција во СДСМ и го оспоруваат неговиот легитимитет во партијата.
-Венко Филипче со малата група се фракција во СДСМ. Тој не е претседател на членството туку претседател на фиктивни картички за гласање – се наведува во реакцијата.
Организаторите оценуваат дека присуството на денешната прес-конференција на СДСМ не соодветствувало со бројот на гласови што Филипче ги добил на внатрепартиските избори и додаваат дека нема основа за обвинувањата што ги упатил кон нив.
Во реакцијата тие се осврнуваат и на односот со Левица, наведувајќи дека меѓу нив постојат значителни политички разлики, но дека имаат заедничка цел – политички пораз на Христијан Мицкоски и на Венко Филипче. (Б. Ѓ.)
Оценка на премиерот: Лош впечаток и потценување на народот
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Платформата 12.05 ја пропуштила можноста да остави позитивен прв впечаток.
– Јас жалам што дури и оваа алтернатива што се претставува дека е алтернатива на опозицијата, повторно го потценува народот и го навредува со тоа што го прави кусоглед. И таа вели: „Вие, бидејќи немате избор, затоа сте за Мицкоски, за ВМРО“. Мислам, самото по себе е, како да кажам, нешто што претставува оксиморон во целава ситуација. Но, тоа е нивни проблем. Знаете, и во животот и во политиката немате втора шанса за прв впечаток. Ако е ова првиот впечаток од оваа група што се нуди како алтернатива на моменталното раководство на СДСМ, тогаш жалам, но мислам дека ја пропуштија првата шанса – рече премиерот.












