недела, септември 27, 2026
Дома СКОПСКА Кратка релација, солена сметка – странските посетители од Скопје си заминуваат со...

Кратка релација, солена сметка – странските посетители од Скопје си заминуваат со приказна за „такси-изненадување“

Неколку минути во автомобил, неколку километри низ Скопје – и сметка од која на туристот му се врти во глава. Наместо спомен од градот, дел од странските посетители од македонската престолнина си заминуваат со приказна за „такси-изненадување“. Последен пример на измамени странски туристи во Скопје од таксист е оној на Лени Ларсен, која реагира на социјалните мрежа и ги предупредува останатите да внимаваат кога земаат такси од автобуската станица во Скопје. Претседателот на Групацијата на автотакси превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски, смета дека за поголем ефект и средување на состојбата во такси-превозот се потребни постојана контрола од страна на инспекциите, но и привремено одземање на возила, согласно со законските прописи. Од Град Скопје, пак, велат дека преку своите инспектори вршат редовни контроли и ги санкционираат дивите таксисти и сите нерегуларности. Информираат дека од почетокот на годинава досега биле санкционирани шеесетина диви таксисти

0

Неколку минути во автомобил, неколку километри низ Скопје – и сметка од која на туристот му се врти во главата. Наместо спомен од градот, дел од странските посетители од македонската престолнина си заминуваат со приказна за „такси-изненадување“.

Поплаките не се нови, но последните сведоштва објавени на интернет повторно го отвораат прашањето: кој и како контролира кој смее да превезува патници низ Скопје и колку треба да чини една такси-возењето?

Измамена туристка од странство, Лени Ларсен, реагира на социјалните мрежи и ги предупредува останатите  да внимаваат кога земаат такси од автобуската станица во Скопје.

– Слеговме од автобус по целодневно патување, а еден човек со бел автомобил буквално ни ги грабна торбите и почна да нè убедува. Нашиот хотел беше оддалечен два километри, а тој инсистираше да му платиме 30 евра. Ние му дадовме 40 евра, очекувајќи соодветен кусур, но тој ни врати само 50 центи во локална валута. Нè остави пред погрешен хотел и замина пред воопшто да сфатиме што се случува. Ова требаше да нè чини пет евра, а не 40. Навистина го сакаме Скопје, но овој човек навистина нè измами. Ве молиме, не му давајте пари – предупредува Ларсен на социјалните мрежи.

Ова не е прв пат дивите таксисти да им земаат многу повеќе пари на странските туристи отколку што е одредената тарифа.

Слични сведоштва има и од домашни корисници. Граѓани пишуваат за наплати од стотици денари за само неколку километри и советуваат патниците да користат регистрирани компании или апликации каде што цената е позната однапред.

Претседателот на Автотакси групацијата на Град Скопје, Сашо Рајчановски, вели дека на овој проблем укажуваат веќе осум години.

– Ние во мај годинава упативме барање до Владата за решавање на овој проблем. Во август добивме одговор дека е пристапено кон нашето барање и оти е доставено до сите надлежни институции и се очекува да се реализира – истакна Рајчановски.

Тој додаде дека кон крајот на август била спроведена координирана акција на МВР, Трудовата инспекција, Пазарната инспекција, УЈП и Сообраќајниот инспекторат на Град Скопје и извршена инспекциска контрола и, како што вели, била затечена состојба за каква што укажувале од Групација на автотакси превоз на Град Скопје.

-Веднаш по извршените инспекциски контроли, таксистите почнаа да се пријавуваат во Агенцијата за вработување, сопствениците на компаниите ги повлекоа неисправните таксиметри, а пензионерите не излегуваа да работат – вели Рајчановски.

Но, за кратко време состојбата повторно се вратила на старо.

– Кога инспекторите престанаа да излегуваат на терен, сопствениците на такси-компаниите ги пуштија пензионерите, повторно е иста состојбата со несоодветно наштелуваните таксиметри – реагира Рајчановски.

Тој смета дека за поголем ефект и средување на состојбата се потребни постојана контрола од страна на инспекциите, но и привремено одземање возила, согласно со законските прописи.

Само така, нагласува тој, граѓаните ќе имаат посигурен и поефикасен такси – превоз.

– Така нема да има наплаќање по 500 до 1.000 денари за возење на далечина до 2 километри – нагласи Рајчановски.

Од Град Скопје, пак, велат дека преку своите инспектори вршат редовни контроли и ги санкционираат дивите таксисти и сите нерегуларности.

– Во иднина ќе следуваат уште засилени контроли на терен со цел целосно сузбивање на оваа појава и заштита на граѓаните и туристите кои го посетуваат нашиот град – информираат градските власти, нагласувајќи дека паралелно се спроведуваат секојдневни контроли од градските инспектори за отстранување на диви таксисти, во координација со МВР, УЈП, Пазарна инспекција и Трудова инспекција и оти досега биле изречени голем број на глоби и биле одземени голем број сообраќајни дозволи од дивите таксисти, со цел сузбивање на таквата нелегална конкуренција во такси превозот.

Според податоците од Град Скопје, од почетокот на 2026 година досега, во градот има 1.650 лиценцирани таксисти, додека санкционирани биле шеесетина „диви“.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ