недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ ЕУ смета дека има со заштита за вештачката интелигенција, но 80% од...

ЕУ смета дека има со заштита за вештачката интелигенција, но 80% од граѓаните чувствуваат страв

0

Претставници на Европската Унија сметаат дека имаат соодветни прописи и заштита од злоупотреба на вештачката интелигенција (AI), изјави потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен.

Истовремено, официјалното тело на ЕУ за статистика „Еуробарометар“ соопшти дека 80 отсто од граѓаните на Унијата сè уште се плашат и бараат „од безбедносни причини да се воведе силна заштита за делувањето на вештачката интелигенција“.

Дел од аналитичарите и медиумите исто така се скептични кога е во прашање способноста не само на ЕУ, туку и на главните светски сили кои развиваат вештачка интелигенција, да ја спречат опасноста овој технолошки развој да не се претвори во закана за самото човештво.

Големо внимание во средствата за информирање и јавноста во ЕУ привлече соопштението на големата американска компанија „Опен АИ“ (OpenAI) дека нејзините хакери неовластено, „избегнувајќи надзор“, упаднале на веб-страниците на американската влада, што го потврди и Министерството за одбрана на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека се противи на многу построги прописи за делувањето на AI, бидејќи, како што рече, САД веќе имаат доверлив систем за заштита од злоупотреби во развојот и примената на оваа технологија.

Пентагон во меѓувреме доби судски спор со компанијата „Антропик“ (Anthropic), која одби да дозволи нејзината вештачка интелигенција американската војска да ја користи за масовен надзор на граѓаните и за автономни системи на вооружување.

Угледниот германски портал „Јуроинтелиџенс“ (Eurointelligence), заедно со уште неколку медиуми, оценува дека Европската Унија ја изгубила трката со Америка и Кина, како во развојот, така и во способноста за заштита вештачката интелигенција да не се претвори во закана за човештвото.

Сепак, Хена Виркунен, комесарка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, тврди дека прописот на ЕУ за вештачка интелигенција „AI Act“, кој стапи на сила ова лето, може да биде „гаранција за граѓаните на ЕУ за демократски, рамноправен и безбеден развој на дигиталниот сектор“.

Европската комесарка истовремено побара ЕУ, особено со Групата седум (Г7) најразвиени земји, но и со сите други држави, „за таа цел да воспостави тесна соработка“.

Шефот на Белата куќа, Трамп, и кинескиот претседател Шји Џинпинг неодамна склучија договор за заеднички надзор и размена на сознанија за развојот на вештачката интелигенција и спречување на нејзините злоупотреби.

Американското списание „Форин аферс“ (Foreign Affairs) оцени дека допрва треба да се види како овој американско-кинески договор ќе се спроведе во пракса.

Медиумите во Европа истовремено го привлекуваат вниманието на изјавите на Трамп дека тврдењата за опасностите од развојот на AI се претерани и злонамерни и дека „кој и да победи во трката за развој на вештачката интелигенција, победува во сè“.

„Ние во моментов сме пред Кина и тоа мора така да остане“, заклучи шефот на Белата куќа.

Европската комесарка Виркунен изјави дека состојбата на глобално ниво е загрижувачка, бидејќи многу земји немаат прописи слични на ЕУ, поради што „опасностите од вештачката интелигенција имаат светска димензија“.

ИЗДВОЕНИ