недела, септември 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА МАКЕДОНИЈА СО ЈАСНА СТРАТЕГИЈА ГО ЧЕКА ДОАЃАЊЕТО НА УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН:...

МАКЕДОНИЈА СО ЈАСНА СТРАТЕГИЈА ГО ЧЕКА ДОАЃАЊЕТО НА УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН: Се бара место за ЕУ меѓу Скопје и Софија

Досегашните средби на билатерално ниво што ги имаше и претседателката, но и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, се средби кои јас ги викам средби колку да се случат средби. Потребни се претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, за да ги слушнат аргументите на двете страни – порача македонскиот премиер, Христијан Мицкоски. Од говорницата на Генералното собрание на ОН тој нагласи дека нашата евроинтеграција е надвор од секој разумен временски рок и ја повика Европската унија да обезбеди предвидливост и почитување на правилата

313

Досегашните билатерални средби меѓу Македонија и Бугарија не даваат резултати кои би воделе кон надминувањето на спорот со кој е блокирана македонската евроинтеграција. Поради тоа, потребни се промени во нивниот формат, првенствено со вклучување на Европската Унија за да излезат аргументите на виделина, но и за да се потврди дека се работи за билатерален спор. Ова е заложбата која македонското државно раководство силно ја застапува во овој период во пресрет на најавената посета на македонската метропола на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, чија цел е согледување на процесот на пристапување и на нашата земја на ЕУ. Посетата и средбите на македонската државна делегација во САД и обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски на Генералното собрание на Обединети нации поминаа во знакот на силни манифестации на желбата за чекорење по европски пат, но и укажувања дека на него Македонија се соочува со бројни пречки кои не се нејзина вина. Оттаму и потребата да се бараат излезни решенија за проблемите и споровите кои веќе со години стојат во место, а во меѓувреме тензиите во регионот стануваат поголеми.

Премиерот Христијан Мицкоски, вчера, порача дека доколку нешто не се смени, и натаму ќе нема резултати од контактите што се одржуваат со бугарската страна.

– Досегашните средби на билатерално ниво што ги имаше и претседателката, но и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, се средби кои јас ги викам средби колку да се случат средби. И тука имате брифинг кога ќе завршат тие средби, брифинг од состаноците, секогаш со сосема различна вистина од тоа што е разговарано на состанокот. Нашата идеја, кога велиме да се вклучи и Европската Унија, е со цел да ги слушнат и нашите аргументи и аргументите на другата страна. Јас знам која е загриженоста од страна на официјална Софија. Тие велат: „Ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор“. И навистина, ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме, да се правиме дека немаме, ние во суштината, навистина имаме билатерален спор кој е сега на својот почеток. И додека е на почеток, јас тоа го кажав и во мојот говор, ние треба да водиме дијалог и токму поради тоа ни се потребни претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, за да ги слушнат аргументите – нагласи Мицкоски во прексиноќешното интервју за Македонска телевизија.

Претходно, и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, се заложи за наоѓање на ЕУ на масата меѓу Скопје и Софија со цел да се изгради довербата меѓу двете страни, а која сега недостасува. На ова брзо дојде одговор од Софија, од каде што соопштија дека „се отворени за конструктивен дијалог, но процесот на пристапување на земјава во ЕУ е европско прашање кое треба да се разгледува во рамките на европските институции“, а од Македонија се очекува исполнување на веќе преземените обврски.

Не може да се влезе во авантура без да се гледа крајот

Според премиерот Мицкоски, барањето е важно бидејќи позицијата на Владата е дека не може да влезе во авантура без да го знае крајот на евроинтегративниот пат.

– Нашата позиција е ние не можеме да влеземе во каква било авантура без да знаеме дека крајот е на дофат и дека јасно го гледаме. Не би сакале да влеземе во процес кој континуирано потоа ќе ни се поместува. Зошто? Затоа што, еве ќе бидам најотворен и најдиректен, утре да ги отвориме преговорите, секое поглавје, секој кластер ќе треба потоа да се гласа во националните парламенти на земјите членки на Европската Унија. Тоа е најмалку 80 пати можност ние повторно да добиеме нови барања. Како ќе изгледа тоа? Ќе излезе некоја порадикална структура во Парламентот на нашиот источен сосед и потоа овие помeјнстрим политичарите ќе речат: „Знаете, мораме сега поради домашни проблеми повторно да ги блокираме, знаете руско влијание, вакво влијание, ние се бориме против тоа руско влијание, знаете вие сте лошите Русјаци, ние сме добрите Бриселци“. Приближно така ќе изгледа сето тоа. Јас нема да влезам во тој процес – рече Мицкоски додавајќи дека „Владата има предлози како да се надмине овој процес и како тоа да се постигне заеднички со Бугарија“.

Ова е нагласено заедно и со укажувањето дека од ЕУ се очекуваат конкретни и брзи резултати за граѓаните од Западен Балкан. Односно, дека со испораката на нешто што граѓаните веднаш ќе го почувствуваат може да се намали фрустрацијата во регионот. Тоа македонскиот премиер го пренел и на средбата со претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, со укажувањето дека има чувство како постепено на Балканот повторно да се враќаат темите и тензиите од почетокот на 90-тите години од минатиот век.

– Ме изненадува фактот што една работа, која однадвор можеби не изгледа толку голема, може да го запали целиот регион, дека една навидум едноставна работа може да предизвика сериозни тензии во општествата. Тие тензии може да прераснат во некој конфликт – предупреди премиерот.

Исполнувањето на критериумите да води кон напредок

Во оваа смисла биле и неговите настапи во САД и посебно обраќањето на Генералното собрание на ООН, каде што рече дека процесот на нашата евроинтеграција е надвор од секој разумен временски рок и ја повика Европската Унија да обезбеди предвидливост и почитување на правилата.

– Нашата историја нѐ научи дека меѓународните компромиси се многу тешки и дека мирот, стабилноста и интеграцијата бараат политичка храброст и големи жртви. Ако некој сака да види пример за земја што повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право, доволно е да погледне во поновата историја на мојата земја. Донесовме навистина тешки одлуки. Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Ако од кандидатите за членство во една организација се бара да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок. Ако бараме од граѓаните да им веруваат на институциите, тогаш институциите мора да покажат дека нивниот збор има вредност и дека преземените обврски траат. Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите – нагласи македонскиот премиер.

Инаку, во текот на посетата на САД, македонската државна делегација имаше бројни средби со претставниците на американската администрација, со бизнис-секторот и со македонското иселеништво. Во Вашингтон, фокусот беше ставен на зајакнување на стратешкото партнерство со САД, нови инвестиции, енергетиката, инфраструктурата и отворањето нови економски можности за Македонија. Еден од најзначајните потенцијални привилегии е отворањето простор за американско финансирање на крупни проекти во областите како енергетиката, високите технологии и стратешката инфраструктура, вклучително и проекти како Чебрен и Галиште, гасоводната инфраструктура и коридорите 8 и 10 и модернизацијата на железничката мрежа. Од опозициската партија СДСМ обвинија дека македонската делегација е „на екскурзија во САД, а јавноста не виде ниту една конкретна средба, договор или резултат за Македонија“. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ