недела, септември 27, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Минималната пензија да изнесува 70 отсто од минималната плата

Минималната пензија да изнесува 70 отсто од минималната плата

Пензионерите бараат минималниот износ на пензија да биде 70 отсто од минималната плата и да се усогласува двапати годишно, во март и во септември. Моментално минималната пензија изнесува 20.228 денари, а во трите групи со најниски пензии се опфатени 128.987 пензионери. Од нив, 26.850 примаат до 20.228 денари месечно. Од Партијата на пензионери велат дека оваа категорија е во социјален ризик и бараат системско решение со кое ќе се обезбеди поголема социјална сигурност, особено за семејствата кои живеат од една пензија

604

Пензионерите бараат да се утврди минимален износ на пензија што ќе изнесува 70 отсто од минималната плата и ќе се усогласува двапати годишно, во март и во септември. Со ова барање, тие предлагаат системско решение со кое најниските пензии би се поврзале со движењето на минималната плата, наместо подобрувањето на нивниот износ да зависи исклучиво од повремените линеарни покачувања. Според податоците што ги посочува Партијата на пензионери, минималниот износ на пензија во државата моментално изнесува 20.228 денари. Сепак, во рамките на системот има различни категории корисници и повеќе групи на пензии, при што дел од пензионерите примаат и пониски износи. Меѓу нив се корисниците на семејна, земјоделска и инвалидска пензија. Како пример се наведува земјоделската пензија, чиј најнизок износ моментално изнесува 17.891 денар. Ова, според предлагачите, укажува дека постои група пензионери чии месечни примања се особено ниски и кои потешко ги покриваат основните животни трошоци.

Од Партијата на пензионери, за весникот ВЕЧЕР појаснуваат дека пензионерите се распоредени во три групи според минималниот износ на пензија. Во првата група, со највисок минимален износ, се пензионери кои примаат до 23.945 денари, додека во третата, со најнизок износ, се оние што добиваат до 20.228 денари месечно.

Во оваа последна група има 26.850 пензионери, односно 7,66 отсто од вкупниот број корисници на пензија. Вкупно, во трите групи со минимални пензии се опфатени 128.987 лица, што претставува 36,78 отсто од пензионерите во државата. Тоа значи дека повеќе од една третина од пензионерите се наоѓаат во групите со најниски пензиски примања.

– Целта на утврдување минимален износ на пензија е да им се помогне на оние пензионери кои се во социјален ризик, односно да се обезбеди социјална сигурност на семејствата што живеат од една пензија. Ова системско решение го предлагаме уште од 2020 година, бидејќи оваа категорија пензионери е во многу неповолна состојба, изјави за ВЕЧЕР, Миле Андоновски, поранешен генерален секретар и потпретседател на Партијата на пензионери.

Според него, особено ранливи се корисниците на семејна пензија, кои добиваат 70 отсто од пензијата што ја примал починатиот сопружник, како и корисниците на земјоделски и инвалидски пензии. Кај овие категории, износот на пензијата може да биде недоволен за покривање на основните потреби, особено кога станува збор за домаќинства во кои нема други редовни приходи.

Андоновски објаснува дека и лицата со подолг работен стаж, но со ниски уплатени придонеси, можат да се соочат со ниска пресметана пензија. Како пример наведува лице со 15 години работен стаж, кое во текот на целиот работен век било осигурено на минимална плата. Според неговата пресметка, таквото лице би имало пензија од околу 12.500 денари, но со примената на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, износот се усогласува со утврдениот минимален износ и достигнува 20.228 денари.

– Во државата има 26.850 пензионери, или 7,66 отсто од вкупниот број, кои земаат пензија до минималниот износ. Поради тоа, овие пензионери се во социјален ризик и бараме да се донесе решение со кое ќе се утврди минимална пензија што ќе изнесува 70 отсто од минималната плата и ќе се усогласува двапати годишно, додава Андоновски.

Линеарните покачувања го зголемија износот, но останува прашањето за долгорочната одржливост.

Во периодот од 2024 до 2026 година, пензиите беа зголемени четири пати со линеарни покачувања – двапати за по 2.500 денари и двапати за по 1.000 денари. Со тоа, месечните пензии на корисниците опфатени со мерките се зголемија за вкупно 7.000 денари.

Линеарниот модел предвидуваше ист номинален износ на зголемување за пензионерите, без оглед на висината на нивната пензија. На тој начин, зголемувањето од 1.000 или 2.500 денари претставуваше поголем процентуален раст за лицата со најниски пензии отколку за оние со повисоки примања.

Сепак, повисоката номинална пензија не значи автоматски и соодветно зголемување на куповната моќ. Реалниот ефект зависи и од движењето на цените на храната, сметките за електрична енергија, лековите, домувањето и другите основни потреби. За пензионерите што располагаат само со една пензија, секое поскапување може да има значително влијание врз семејниот буџет.

Токму затоа, предлагачите сметаат дека е потребно трајно решение што ќе обезбеди предвидливост и редовно усогласување на најниските пензии. Доколку минималната пензија се утврди на ниво од 70 отсто од минималната плата, нејзиниот износ би се менувал во зависност од промените на минималната плата. Со усогласување двапати годишно, во март и во септември, би се воспоставила врска меѓу двата износа.

Покрај социјалната положба на пензионерите, Партијата на пензионери предупредува и на финансиските предизвици со кои се соочува пензискиот систем. Андоновски посочува дека односот меѓу бројот на вработени и бројот на пензионери значително се променил во изминатите децении.

Според него, до 1994 година на еден пензионер имало тројца вработени, додека сега на еден пензионер доаѓаат околу 1,6 вработени. Таквиот сооднос е важен за финансирањето на системот, бидејќи придонесите од вработените се еден од главните извори за исплата на пензиите.

– Со линеарното усогласување се намалува и мотивацијата на работодавачите да уплаќаат повисоки придонеси за ПИОМ. Од 1 јули, стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување е зголемена од 18,8 на 19,9 отсто од бруто-платата. Истовремено, придонесот за вработување е намален од 1,2 на 0,1 отсто. Ова, според мене, укажува на недоволни приливи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, поради што се зголемува потребата од средства од државниот буџет за исплата на пензиите. На тој начин се отвора и прашањето за долгорочната финансиска одржливост на пензискиот систем. Од буџетот годишно се издвојуваат околу една милијарда денари за покривање на недостигот во Фондот, вели Андоновски.

Барањето на пензионерите е минималната пензија да не зависи само од повремени одлуки за линеарно зголемување туку да се утврди јасен механизам што ќе ја поврзува со минималната плата. Дали ова решение ќе биде прифатено и како би се спровело, останува прашање за надлежните институции и за идните измени во пензискиот систем.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ