Од една страна, на таа листа се градови познати по уредените улици и по добро одржуваните јавни простори, додека, од друга страна, се метрополи што имаат сериозен проблем со хигиената, односно со ѓубрето. На листата, второто место меѓу метрополите што имаат проблем со ѓубрето го зазема Скопје, веднаш по главниот град на Италија, Рим. Веднаш по Скопје, според таа листа, се Атина, Софија, Париз, Букурешт, Белград, Мадрид и Будимпешта. Додека најчисти градови, според оваа листа, се Луксембург, Виена, Љубљана, Осло, Хелсинки, Вилнус, Рејкјавик, Талин и Рига. Во врска со решавање на проблемот со нехигиената во главниот град, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, на последната прес- конференција за исправноста на водата за пиење најави дека ќе пристигнат повеќе од 3.000 контејнери на почетокот од септември. Потенцира дека е завршена постапката за набавка на камиони за собирање отпад од страна на Министерството за транспорт, преку Светската банка и оти се очекува тие да пристигнат за скоро време. На тој начин, според Ѓорѓиевски, до крајот на септември би требало да се подобри состојбата со хигиената во главниот град
Деновиве кружи листа со европски метрополи рангирани според чистотата и таа се споделува на социјалните мрежи. Од една страна, на таа листа се градови познати по уредените улици и по добро одржуваните јавни простори, додека, од друга страна, се метрополи што имаат сериозен проблем со хигиената, односно со ѓубрето.
На листата, второто место меѓу метрополите што имаат проблем со ѓубрето го зазема Скопје, веднаш по главниот град на Италија, Рим. Веднаш по Скопје, според таа листа, се Атина, Софија, Париз, Букурешт, Белград, Мадрид и Будимпешта.
Додека најчисти градови, според оваа листа, се Луксембург, Виена, Љубљана, Осло, Хелсинки, Вилнус, Рејкјавик, Талин и Рига.
Сепак, важно е да се спомене дека ваквиот список, сам по себе, не е официјална студија и не е познато врз основа на кои критериуми е составен – дали се земени предвид официјалните општински податоци, анкетите меѓу жителите, количината отпад по глава на жител или само субјективниот впечаток на авторот.
Интересно е што некои од најпосетуваните и најбогати европски метрополи, како што се Рим и Париз, кои со години се борат со огромниот прилив на туристи и комунален притисок, се на истата црна листа како Скопје. Од друга страна, нордиските и балтичките земји целосно доминираат на врвот од табелата. Затоа треба да се гледа овој список првенствено како вирален тренд од мрежите, а не како конечна оценка.
Сепак, доволен е фактот што Виена и Љубљана се од едната страна, а Скопје од другата за да се постави прашањето: дали градот во кој живееме е навистина толку чист колку што мислиме?
Одговор на тоа се сè уште присутните поплаки на жителите на Скопје дека се преполни контејнерите и оти владее нехигиена во повеќе делови од градот. Сè уште е присутен проблемот со нередовното собирање на сметот во одредени населби.
Во врска со решавање на проблемот со нехигиената во градот, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, на последната прес-конференција за исправноста на водата за пиење најави дека ќе пристигнат повеќе од 3.000 контејнери на почетокот од септември. Потенцира дека е завршена постапката за набавка на камиони за собирање отпад од страна на Министерството за транспорт, преку Светската банка и оти се очекува тие да пристигнат за скоро време. На тој начин, според Ѓорѓиевски, до крајот на септември би требало да се подобри состојбата со хигиената во главниот град.
Сепак, тој смета дека доколку не се воведат повисоки казни, властите нема да може многу да влијаат за подобрување на сликата со отпадот во главниот град.
Ѓорѓиевски, исто така, информираше дека кафулињата и другите угостителски објекти веќе почнале да потпишуваат договори со ЈП „Комунална хигиена“ за одговорно фрлање на отпадот, а ним може да им се дадат и дополнителни контејнери, кои би ги поставиле близу своите објекти, со што нема да се полнат заедничките контејнери за зградите и за куќите низ Скопје.
Скопскиот градоначалник предлага, во договор со другите градоначалници, покрај собирниот центар во Карпош, да се определи простор за собирање кабаст отпад во Гази Баба и обелодени дека веќе е обезбеден таков простор во Кисела Вода.
(А. П.)












