Најмалку 10 непалски планински водичи се водат како исчезнати откако лавина погоди привремен камп во близина на врвот Химлунг Химал во Непал, пренесува Би-Би-Си.
Според британскиот јавен сервис, организаторите на експедицијата изјавиле дека водичите биле во камп во близина на врвот висок 7.126 метри, во областа Мананг, кога се случила лавината.
„Исчезнати се осум члена на нашиот експедициски тим и двајца други од друга компанија“, изјави за АФП Бибути Чанд Такур од компанијата „Хималаја Холидеј Трекинг“.
Хеликоптерите и спасувачките екипи досега не успеаја да стигнат до местото на несреќата поради лошите временски услови. Во последните денови, прогнозите најавуваа обилни врнежи од снег во областа на планината, која се наоѓа во близина на границата меѓу Непал и Тибет.
Непалските водичи биле испратени пред странските алпинисти за да го подготват кампот, да ја обезбедат патеката и да постават јажиња за искачување.
Планинските региони во Непал изминативе денови беа погодени од долготрајни дождови и снег, што ги направи условите за искачување особено опасни. Претходно оваа недела, алпинистите беа принудени да ја напуштат областа на Манаслу – осмиот највисок врв во светот – поради зголемениот ризик од лавини.
Оваа најнова несреќа се случи помалку од два месеци откако шестмина алпинисти загинаа на Брод Пик во Пакистан, меѓу кои и британско-непалскиот алпинист Нирмал Пурџа.












