Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека на терен интензивно се поставуваат цевки, шахти и целокупната потребна инфраструктура, како дел од сериозниот и системски пристап кон трајно решавање на овој децениски проблем.
– Ова е почеток на нова приказна за Скопје. По завршување на целиот процес, овој простор ќе добие сосема нов лик – од депонија ќе прерасне во огромен мегапарк, ново зелено срце и нови бели дробови на главниот град. Таму каде што со години имаше смет, чад и негрижа, ќе никнат зеленило, простор за рекреација, мир, свеж воздух и место за сите генерации – наведе тој

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објави на „Фејсбук“ дека поранешната депонија „Вардариште“, која честопати се палеше и која со децении е една од најголемите црни точки на Скопје, полека, но сигурно, заминува во историјата. Односно, дека процесот на „одгасување“ на депонијата се одвива со одлична динамика и согласно со предвидениот проект.
Тој информираше дека на терен интензивно се поставуваат цевки, шахти и целокупната потребна инфраструктура, како дел од сериозниот и системски пристап кон трајно решавање на овој децениски проблем.
– Ова е почеток на нова приказна за Скопје. По завршување на целиот процес, овој простор ќе добие сосема нов лик – од депонија ќе прерасне во огромен мегапарк, ново зелено срце и нови бели дробови на главниот град. Таму каде што со години имаше смет, чад и негрижа, ќе никнат зеленило, простор за рекреација, мир, свеж воздух и место за сите генерации – наведе Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека Скопје заслужува чиста животна средина, уредени простори и визија што се реализира на дело.
Независната граѓанска иницијатива „Стоп за Вардариште“ повеќепати протестираше против палењето на „Вардариште“, кое предизвикуваше загадување на воздухот. Реагираа и жителите на Аеродром, но и на Гази Баба, во чија близина се наоѓа оваа депонија.
На последната средба на претставници на „Стоп за Вардариште“ со градските власти, на 28 април годинава, им беше кажано дека во близина на ЈП „Лајка“ ќе биде поставена заштитна ограда, како дополнителна мерка за спречување влез во „Вардариште“.
Тогаш од „Стоп за Вардариште“ рекоа дека добиле информација од градските власти дека биле извршени подготовки за почеток на „одгасувањето“ на депонијата.
– Ископани се два бунари, од кои се земени мостри, испратени на анализа во акредитираната лабораторија на Универзитет „Гоце Делчев“. Резултатите ќе бидат јавно објавени – соопштија од „Стоп за Вардариште“.
Според техничкото решение, како што информираа од „Стоп за Вардариште“ ќе се изведат 22 бунари со прецизни координати за мерење на количеството гас, како почетна, истражувачка фаза. Притоа, како што велат, одлуката за втора фаза ќе зависи од резултатите.
– Доколку има доволно гас, ќе се постави соодветна централа за негово искористување – наведоа од „Стоп за Вардариште“.
Исто така, било најавено дека ќе се изврши хумано преселување и згрижување на ранливото население. Воедно, на локацијата 24/7 ќе има дежурни инспектори, кои ќе патролираат на терен, а ќе бидат поставени и дополнителни камери. Освен тоа, им била ветена редовна комуникација и информирање за сите чекори, со цел да се обезбеди транспарентност на целиот процес.
Од „Стоп за Вардариште“ истакнаа дека бројот за пријавување до дежурниот инспекторат (072 898 898), кој подолг период не бил во функција, по нивна пријава, повторно е ставен во употреба.
(А. П.)












