Мајката на девојката која беше крвнички претепана во Охрид и оставена без свест на улица, во јавна објава изнесува сериозни обвинувања за случувањата пред и по нападот. Таа вели дека нејзината ќерка сè уште е во болница, дека семејството живее во страв за нејзината безбедност и дека дополнителна вознемиреност предизвикуваат околностите под кои се случил настанот.
Според нејзиното сведоштво, момчето, мислејќи дека девојката е мртва, стапило во контакт со својот татко и побарало помош како да се ослободи од нејзиното тело. Мајката тврди дека таткото му давал насоки како да го направи тоа.
„Во моментот кога мојата ќерка била во бессознание, Кристијан, мислејќи дека таа е мртва, стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Неговиот татко му давал насоки како да се ослободи од телото на мојата ќерка“, пишува мајката.
Таа наведува и дека телефонот на девојката бил намерно искршен, со што, како што тврди, ѝ била одземена можноста да повика помош и да побара спас.
Мајката во објавата изнесува и наводи за однесувањето на лицата од опкружувањето на осомничениот. Според неа, тие одбивале да ја однесат девојката во болница, иако таа барала помош.
Особено вознемирувачко, како што наведува, е сведочењето дека во еден момент момчето побарало нож и сакало да ја „докрајчи“.
„Најголемата среќа во целата оваа трагедија е што Сара дошла при свест пред напаѓачот да успее да ја однесе и да ја фрли во некоја провалија. Токму затоа, кога сфатил дека таа се освестила, ја фрлил на улица“, наведува мајката.
Таа обвинува и дека имало обид да се влијае врз медицинскиот извештај за повредите, со цел да се прикаже дека девојката била само малку изгребана. Според нејзината објава, во тоа се вмешала и роднина на осомничениот.
„До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има моќни родители и познанства?“, прашува мајката.
Таа додава дека момчето, според неа, постојано се фалело дека неговите родители се доволно моќни за „да средат“ сè, без оглед на тоа што ќе се случи.
Случајот беше пријавен во полиција, а од СВР Охрид соопштија дека на 15 ноември во 5:05 часот бил лишен од слобода 31-годишниот Х.К. од Охрид, по претходна пријава дека физички ја нападнал својата девојка. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.


Наводите изнесени во јавната објава на мајката за околностите по нападот и евентуалните обиди за прикривање на настанот засега не се потврдени во полициското соопштение.












