недела, јуни 28, 2026
Дома СКОПСКА Во тек е пријавувањето за Скопскиот маратон

Во тек е пријавувањето за Скопскиот маратон

17

Секој голем резултат започнува со една одлука – одлуката да се направи првиот чекор. Токму затоа, сите што сакаат да бидат дел од најголемиот спортски настан во земјата, Виз ер Скопски маратон 2026, сега е вистинското време да се пријават и да ги започнат своите подготовки.

Следниот рок за пријавување со поволна котизација е 31 јули, а организаторите ги повикуваат сите љубители на трчањето да не чекаат последен момент, туку навреме да го обезбедат своето место на стартната линија за маратонот кој ќе се одржи на 4 октомври 2026 година.

Виз ер Скопски маратон и оваа година ќе понуди можност за учество на илјадници професионални атлети, рекреативци, компании, спортски клубови и сите оние што сакаат да го почувствуваат уникатниот дух на најголемата тркачка манифестација во Македонија. На програмата се маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон „ЕУ за спорт“, „тим билдинг“ трката за компании, а ќе се одржи и традиционалниот детски мини маратон.

Без разлика дали целта е истрчување на првиот маратон, поставување нов личен рекорд, рекреативно учество на 5 километри или градење тимски дух со колегите, Виз ер Скопски маратон претставува можност секој да си постави личен предизвик и да стане дел од едно незаборавно спортско искуство. Од година во година, маратонот привлекува сè поголем број домашни и странски учесници, потврдувајќи ја својата позиција како еден од најзначајните спортски и туристички настани во регионот.

Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да не го чекаат последниот рок за пријавување, туку навреме да ја обезбедат својата регистрација и да ги започнат подготовките за настап на 4 октомври. Искусните тркачи добро знаат дека успешниот резултат не се гради пред денот на трката, туку со месеци посветеност, дисциплина и континуирани тренинзи.

Годинашната комуникациска порака „Трчањето ќе те промени“ ја пренесува суштината на маратонот – дека трчањето не е само спорт, туку начин на живот кој инспирира, мотивира и ги поместува личните граници. Секоја истрчана километарска делница претставува нова победа над сопствените ограничувања, а секој учесник е дел од заедница која ги слави истрајноста, дисциплината, заедништвото и здравите животни навики.

 

ИЗДВОЕНИ