И по девет месеци откако беше донесена собраниската одлука, нема најави дека наскоро би можела да биде формирана анкетна комисија за случаите „Кочани“, „Модуларна болница“, „Дурмотурс“ и „Бесатранс“. Парламентарните политички партии и натаму се држат до своите ставови, кои оневозможуваат да се определат сите членови, по што комисијата би стартувала со работа за да се утврди одговорност за случаите што длабоко ја потресоа македонската јавност. Родителите на загинатите деца во кочанската дискотека „Пулс“ упатија барање до сите партии за што побрзо да биде формирана оваа собраниска комисија.
– На семејствата повеќе не им се потребни зборови, потребни им се постапки. Јавно соопштете конкретен рок кога ќе биде оформена комисијата и кога ќе почне со работа. Нашите деца не беа политичари. Тие беа млади луѓе што излегоа да се забавуваат и требаше да се вратат дома. Шеесет и тројца од нив не се вратија. Отворете ги прашањата пред јавноста. Ако нема што да се крие, зошто сè уште нема анкетна комисија? Вистината не смее да зависи од политички договор, ниту одговорноста да има партиска боја. Тоа им го должиме на нашите деца, на преживеаните. Оформете ја анкетната комисија сега! – порача Здружението на граѓани „16 Март 2025 – Кочани“.
Македонското Собрание на 3 декември минатата година, со гласовите на 84 пратеници, донесе одлука за формирање ваква комисија, која требаше да ги разгледува четирите трагедии во кои вкупно згаснаа 138 човечки животи. Неколку дена подоцна, пратеникот на Левица и претседател на постојната Анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, Димитар Апасиев, за 9 декември закажа седница на оваа Комисија, на која ќе се разгледува поднесената претставка од Здружението на граѓани „16 март 2025 година“. Апасиев тогаш објасни дека станува збор за редовна седница на постојна комисија на Собранието, а не за анкетна комисија. Но, оттогаш, па досега, партиите никако да се договорат околу составот на анкетната комисија за четирите трагедии.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска не можеше да се добие став околу ова, но од владејачката партија изјавуваа во изминативе месеци дека ги чекаат заклучоците од комисијата што ја води Апасиев. Тоа било причината поради која сè уште не предложиле свои членови. Од Левица, пак, вчера ги повикаа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да делегираат членови, а вината за недонесувањето на заклучоците на постојната Анкетна комисија ѝ ја префрлија на владејачката партија. Опозицискиот СДСМ, пак, чека покана за определување свои претставници од собранискиот претседател, Африм Гаши.
Но, спикерот Гаши денеска изјави дека го исполнил сето она што се барало од него.
– Не можам јас да ја формирам анкетната комисија, има процедура предвидена со Деловникот кој и како може да ја формира комисијата. Политичките партии што ги дале предлозите за формирање на анкетната комисија, треба да одлучат. Како Кабинет и како служба, ние сме одговориле експедитивно и навреме, сè што било до нас, ние сме го препратиле до претседателите на пратеничките групи. Јас сум погрешна адреса. Јас ќе направам сè да функционира Собранието и секоја иницијатива во Собранието сме ја разгледале со максимална сериозност, особено за вакви сериозни случаи – изјави Гаши.
Тој додаде дека на следната координација, најверојатно, ќе биде отворена оваа тема.
– Во одлуката јасно стои што сè носи таа одлука на пленарна седница, секоја партија предлага свој член. Не можам јас да навлегувам во ставовите на политичките партии, не можам јас да им кажам да донесат одлука – рече Гаши. (Б. Ѓ.)












