Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека не поддржува продолжување на војната со Соединетите Американски Држави (САД), повикувајќи на зајакнување на отпорноста на земјата во пресрет на следната фаза. Пезешкијан ова го изјави за време на средбата со раководителите на иранските универзитети, објави локалната новинска агенција Мехр.
Говорејќи за конфликтот со Вашингтон, Пезешкијан рече дека не поддржува продолжување на војната.
„Не сум за продолжување на војната, но мора да ја зајакнеме отпорноста на земјата соочени со претстојните настани“, рече тој.
Според неговите зборови, зајакнувањето на отпорноста на земјата бара делување кое нема да го доведе Иран во ситуација да преговара со непријателот од позиција на слабост. Тој ги повика универзитетите да ја поддржат Владата во тој поглед.
Иранскиот претседател рече дека економските мерки мора да ги земат предвид постојните општествени околности, предупредувајќи дека непромислените чекори би можеле да доведат до штета наместо да придонесат за решавање на проблемите.
„Мораме да го искористиме дури и придонесот на студентите од Генерацијата З за решавање на проблемите во општеството и да го обезбедиме нивното учество во нудењето решенија наместо учество во протести“, рече тој.
Пезешкијан нагласи дека, како претседател, не е политички поврзан со ниту една одредена група и дека е отворен за соработка со сите политички струи и со секој кој придонесува за решавање на кризите во земјата.
САД и Израел на 28 февруари започнаа војна против Иран, по што Техеран истрела проектили кон Израел и нападна американски цели и бази во неколку земји во регионот.












