Канада ја прифати понудата на Европската унија за придружно членство. По дводневниот самит, Брисел и Отава одредија рок до јуни следната година за дефинирање на деталите за овој нов однос. Канадскиот премиер Марк Карни го поддржа предлогот изнесен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен – и покрај повеќенеделното колебање, острата реакција од американскиот претседател Доналд Трамп и отпорот од Германија, пренесува „Политико“.
„Во наредните месеци ќе ја утврдиме точната содржина, опсег и досег на оваа нова форма на членство“, изјави Карни на прес-конференција по завршувањето на самитот во Монтреал. „Денес се движиме кон придружно членство за Канада“, додаде тој, опишувајќи го статусот како „најдлабоко можно партнерство, веднаш под целосното пристапување“.
Двете страни го одредија јуни 2027 година како краен рок за утврдување на условите и рамката на партнерството, вклучително и планот за финансирање. Карни избегна да даде директен одговор на прашањето колку придружното членство ќе ги чини канадските даночни обврзници. „Ние лично не го гледаме ова како плаќање“, рече Карни, нагласувајќи дека станува збор за „позитивен“ проект.
Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кои стоеја покрај Карни, го претставија овој експеримент како неопходна стратегија во глобално опкружување кое станува сè понеизвесно. „Концептот на придружен член е непозната територија, но имаме амбиција, доверба и креативност заедно да го обликуваме“, рече Фон дер Лајен. „За да биде сосема јасно, ова не е партнерство против никого, туку за нашата колективна сила.“
Претставници на канадската влада по конференцијата потврдија дека нема да биде потребна нова законска регулатива за формализирање на статусот на придружен член. „Нашиот однос е толку посебен што сакаме да создадеме нешто ново – да отидеме чекор подалеку од обичното приклучување, сè до самата граница на целосно членство во ЕУ“, рече Коста. Тој предложи нов модел за потесна интеграција на неевропските земји со Унијата и додаде: „Нашето придружување ќе биде најблиско, најдлабоко и најуникатно од ваков вид“.
И покрај оптимизмот, некои долготрајни трговски спорови останаа нерешени дури и по самитот. Карни изјави дека е постигнат договор за изземања од клучна регулатива на ЕУ насочена кон сузбивање на уништувањето на шумите, но канадските претставници подоцна ја повлекоа таа изјава.
Еден претставник, кој зборуваше под услов да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, изјави дека ова прашање сè уште е предмет на трговски разговори. Тој напомена дека се постигнува напредок во решавањето на она што Канада го смета за недостатоци во регулативата.
Исто така, спорно е дали Канада ќе го добие статусот „Произведено во Европа“ (Made in Europe) во рамките на Законот за индустриско забрзување (Industrial Accelerator Act). Со оваа клучна мерка, ЕУ има намера да ги насочи јавните набавки – во сектори кои се движат од зелена енергија до автомобилската индустрија – кон стоки произведени во рамките на Унијата.
Фон дер Лајен објасни дека, во нацрт-регулативата претставена претходно оваа година, Комисијата ја вклучила Канада како партнер за слободна трговија. Таа додаде дека предлогот сега треба да биде разгледан од пратениците во Европскиот парламент и од владите на земјите-членки.
„Комисијата предложи Законот за индустриско забрзување да ги опфати сите земји со кои имаме договори за слободна трговија. Според тоа, Канада би била вклучена автоматски“, рече таа. „Се разбира, предлогот сега мора да помине низ законодавната процедура, но нашиот став во однос на вклучувањето на Канада е сосема јасен.“
И покрај повеќемесечните подготовки, самитот беше организациски хаотичен. Деталите за програмата беа потврдени дури во последен момент, а билатералните средби се одржаа на две различни локации. Целта на овие неформални аранжмани беше да се овозможи подиректен контакт помеѓу европските комесари и канадските министри, кои во иднина ќе се среќаваат многу почесто.
Канадските министри се поканети на серија средби со нивните колеги од ЕУ, како дел од планот за зајакнување на политичкото усогласување. Учеството на министерката за надворешни работи Анита Ананд и министерот за меѓународна трговија Маниндер Сиду на неодамнешните неформални состаноци на ЕУ послужи како тест за овој модел на соработка. За две недели, премиерот Карни ќе отпатува за Даблин, каде што, на покана на Антонио Коста, ќе присуствува на неформален состанок на Европскиот совет.












