Извршниот одбор на Народната банка на Србија донесе одлука за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ а.д. Белград. Со судска одлука, Агенцијата за осигурување на депозити ќе биде назначена за стечаен управник, се наведува во соопштението.
Како што е наведено во соопштението, Извршниот одбор констатираше дека пред одземањето на дозволата биле спроведени надзорни активности со цел да се обезбеди банката да го зголеми нивото на својата ликвидност.
Понатаму се наведува дека е утврдено оти „финансиската состојба на банката значително се влошила во претходниот период, а постои и можност за натамошно влошување на финансиската состојба или ликвидноста на банката – ситуација што ги загрозува интересите на депонентите на банката“.
„Со оглед на тоа што се исполнети условите за одземање на дозволата за работа на банката, согласно Законот за банки, Народната банка на Србија ја донесе оваа одлука со цел да ги заштити интересите на депонентите и да ја зачува стабилноста на финансискиот систем“, додаваат од НБС.
Агенцијата за осигурување на депозити, во рок од седум работни дена, ќе овозможи исплата на осигурените износи и пристап до средствата за депонентите, согласно Законот за осигурување на депозити, се наведува во соопштението од Кабинетот на гувернерот на НБС.












