среда, јуни 17, 2026
Дома РАЗНО УСТАВЕН СУД ПРЕСЕЧЕ: Тетовскиот плоштад останува „Маршал Тито“?

УСТАВЕН СУД ПРЕСЕЧЕ: Тетовскиот плоштад останува „Маршал Тито“?

37

Укината е одлуката со која во 2007 година, во Тетово, е извршено преименување на повеќе улици и на централниот градски плоштад. Ваквата одлука денеска ја донеле уставните судии кои одлучувале за веќе поведената постапка за оценка на уставноста и законитоста на преименувањето извршено од страна на Советот на општина Тетово.

– Судот, со мнозинство гласови, одлучи да ја укине Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 25/2007 од 26.04.2007 година) – изјавија во Судот за весникот ВЕЧЕР.

Пред неколку месеци, Судот поведе постапка со образложение дека не е исполнет условот од Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, кој предвидува согласност за преименувањето да даде и Владата. Во текот на расправата, уставните судии утврдиле дека општинскиот Совет, во април 2007 година, не добил таква согласност, но и покрај тоа, ја изгласал одлуката. Тогаш, главниот градски плоштад кој дотогаш го носеше името „Маршал Тито“ беше преименуван во плоштад „Илирија“, а беа сменети и дотогашните имиња на улиците „Радован Цониќ“, „Иво Рибар Лола“, „29 Ноември“…

Иницијативата пред Уставниот суд ја повел Сојузот на борците на НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово, кои лани, во февруари, ја оспорија одлуката донесена уште во април 2007 година. Нивниот претставник, Даријан Сотировски, вчера на социјална мрежа „Фејсбук“ објави дека Судот донел укинувачка одлука.

– На денешната седница, Уставниот суд донесе одлука да ја прифати Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово бр.07-766 од 24.04.2007 година, која ја поднесовме со Сојузот на борците од НОБ Тетово на 11.02.2025 година и ја укина незаконската одлука. Во сега далечната 2007 година, со гласовите на советниците од сите претставени политички партии, кршејќи го законот, Советот ги замени имињата на македонските херои и јунаците од светската антифашистичка коалиција, рефлектирајќи непочитување кон Уставот и кон асномскиот антифашистички темел на државата. Убеден сум дека сè што ни се случува или ни се случувало во голема мера, е резултат на нашата колективна попустливост и предавање. Верувам дека сите можеме да дадеме многу поголем придонес кон повисокото добро – објави Сотировски.

Сојузот на борците на НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово вчера соопшти дека во 2007 година незаконски биле сменети имињата на македонските херои и јунаците од светската антифашистичка коалиција и со што не се почитувал Уставот и асномскиот антифашистички темел на државата. Сојузот додава дека како организација втемелена на борбата за држава на нашите храбри претци, а инспирирана од современата генерација на млади, останува посветена на тоа да се грижи за јавното добро и да ги штити антифашистичките вредности и добрите меѓучовечки односи во нашиот град.

-Апелираме до носителите на доверен мандат во локалниот Совет на Општина Тетово, сега и во иднина, да одлучуваат одговорно, со ум и разум, не под диктат, да му служат на јавниот интерес, а не на поединци, затоа што срамот од уништувањето и оштетувањето на нашиот град од нивни постапки, кога тогаш може да ги стаса. Советот е место каде треба да се креира развојот, а не поделби, безидејност и автоматско гласање на погрешни одлуки – се потенцира во реакцијата по одлуката на Судот.

Сега се јавуваат дилеми околу тоа какви имиња, по укинувачката одлука на Уставниот суд, ќе ги носат главниот плоштад и улиците кои беа преименувани. Според некои правни толкувања, на плоштадот и на улиците треба да им се вратат претходните имиња бидејќи укинатата одлука веќе не постои и автоматски во сила останува претходната состојба. Втората дилема е дали се укинува само новото име, со што плоштадот и улиците, практично, остануваат без имиња? Државните институции во Тетово како Катастар, МВР и други, досега ги користеа старите имиња кои беа во употреба до 2007 година. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ