Програмата е осмислена како дијалог меѓу минатото и сегашноста, меѓу канонот и современата креативност. Публиката ќе има можност да слушне дела од Јохан Себастијан Бах, Морис Равел и од Чарлс Ајвс, но и премиерни композиции создадени специјално за овој проект од Емин и Тристано, кои ќе настапат со еден од најуспешните европски оркестри – Бамбергер симфоникер

Двајцата современи музички визионери, Џијан Емин и Франческо Тристано, со еден од најуспешните европски оркестри – Бамбергер симфоникер, вечерва за љубителите на добрата музика ќе приредат ново магично патување низ епохите. Програмата е осмислена како дијалог меѓу минатото и сегашноста, меѓу канонот и современата креативност. Публиката ќе има можност да слушне дела од Јохан Себастијан Бах, Морис Равел и од Чарлс Ајвс, но и премиерни композиции создадени специјално за овој проект од Џијан Емин и Франческо Тристано.

Инаку, Емин и Тристано лани имаа, исто така, успешна соработка, која продолжува повторно на сцената на оркестарот во Бамберг, кој повторно му ја довери диригентската палка на Џијан Емин.

Македонскиот музичар, кој со овој ангажман ја потврдува својата сè поцврста позиција на меѓународната музичка сцена, заедно со Франческо Тристано, светски реномираниот пијанист, композитор и продуцент, ќе приреди музичко патување од Бах до новите авторски светови. Новиот проект, според организаторите, ветува возбудлива средба на музички епохи, идеи и на авторски сензибилитет.

– Токму во оваа необична програмска поставеност лежи особеноста на концертот. Делата на Бах, Равел и на Ајвс добиваат нов контекст преку современи авторски интервенции, отворајќи простор за нови значења и звучни перспективи. Наместо едноставно претставување на класичниот репертоар, проектот нуди жива и динамична комуникација меѓу различните музички светови, во која традицијата не е музејски експонат, туку инспирација за создавање нова музика – се вели во најавата на концертот.

Фактот што Бамбергер симфоникер повторно го поканува македонскиот диригент е уште една потврда за неговиот меѓународен углед и препознатлив авторски и изведувачки сензибилитет.

– Голема чест е повторно да работам со Бамбергер симфоникер и со Франческо Тристано. Ова е проект што не само што ги спојува различните музички епохи туку отвора и нови креативни перспективи преку авторска музика создадена специјално за овој состав и оваа програма – истакна Емин во пресрет на концертот.

Инаку, во изминатите години, Џијан Емин, кој е диригент, композитор, аранжер и музичар, оствари бројни значајни настапи и соработки низ Европа, претставувајќи ја македонската музичка култура на сцени каде што настапуваат најдобрите светски уметници и ансамбли. Тој ја започна музичката кариера како член на рок-групата „Архангел“. Подоцна, стана прв хорнист на Македонската филхармонија и нејзин диригент, а истовремено работи и како оркестратор. Познати се неговите музички ангажмани на концертите „Скопје за Боуви“ и „Пинк Флојд“ во рамките на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“; музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ (со Дерек Меј и со Македонската филхармонија); настапот со Белградскиот симфониски оркестар и со Јуан Аткинс; концертот „Париз, те сакам“; мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“. Tој има настапувано и со музичари и групи како: „Проект Жлуст“, Д.Н.О., Квартетот на Георги Шаревски, „Скопје конекшн“, „Архангел“, Бодан Арсовски, Тони Китановски, Кирил Џајковски, Никола Коџобашија, „Фолтин“, Малколм Брн… Џијан Емин ја оркестрираше и музиката на Мет Феди, која беше изведена на новогодишниот огномет во Дубаи.

– Средбата на Џијан Емин и Франческо Тристано со Бамбергер симфоникер е повеќе од концертна соработка – таа е доказ дека највозбудливите музички приказни настануваат тогаш кога се осмелуваат врвните уметници да ги надминат жанровските и временските граници. Од Бах до современата авторска мисла, ова е вечер што ја слави моќта на музиката постојано да се преосмислува и одново да изненадува – се додава во најавата на концертот. (Д. Т.)

 

Легенди:

 

  1. Џијан Емин
  2. Франческо Тристано

ИЗДВОЕНИ