петок, октомври 30, 2026
Дома РАЗНО „Европска очна болница“ ги отфрла обвинувањата за двојна наплата на операции

„Европска очна болница“ ги отфрла обвинувањата за двојна наплата на операции

14

Приватната „Европска очна болница“ од Скопје денеска реагираше по вчерашната полициска акција за сомнежи за финансиски злоупотреби и двојна наплата на операции на очи. Од болницата тврдат дека во медиумите биле објавени бројни невистини и најавуваат соработка со надлежните институции.

„Нашата установа никогаш не оштетила ниту еден пациент, ниту од здравствен, ниту од морален или финансиски аспект“, се наведува во соопштението.

Од болницата посочуваат дека повеќе од една година работат без поддршка од Фондот за здравствено осигурување, но дека успеале да го зачуваат квалитетот на услугите и пристапноста на цените. Воедно, ги повикуваат медиумите да ги остават институциите да ја вршат својата работа.

Реакцијата следува откако МВР вчера поднесе кривични пријави против 11 физички лица и едно правно лице, а осум лица беа приведени. Според сомнежите на истражните органи, одредени операции биле наплаќани и од ФЗО и директно од пациентите.

Штетата за Фондот се проценува на околу 1,7 милиони евра, додека сомнежите за противправно стекната имотна корист изнесуваат околу 4,25 милиони евра. Се проценува дека потенцијално биле оштетени меѓу 3.000 и 4.000 пациенти.

Во меѓувреме, според неофицијални информации, на Билал Кара, поврзан со раководството на болницата, му е одземен пасошот и му се определени мерки на претпазливост.

Министерот за здравство Сашо Клековски вчера изјави дека истрагата била иницирана по утврдени неправилности во работењето на здравствената установа, додека тој раководел со ФЗО.

Истрагата продолжува, а евентуалната кривична одговорност треба да се утврди во понатамошната постапка.

ИЗДВОЕНИ