Кражба од големи размери е извршена во електровлечната потстаница Драчево, меѓу железничките станици Лисиче и Драчево, при што е уништен значаен дел од електроенергетската опрема неопходна за функционирањето на железничката инфраструктура. Од ЈП МЖ Инфраструктура велат дека првичната процена на штетата изнесува околу 5 милиони евра.

Од претпријатието информираа дека сторителите превртеле два електроенергетски трансформатори тешки повеќе од 30 тони, го истуриле трансформаторското масло и ги украле бакарните намотки, како и бакарни жици, шини, прачки и речиси целата опрема потребна за работа на потстаницата. Поради тоа, објектот е целосно нефункционален.

Од ЈП МЖ Инфраструктура оценуваат дека не станува збор само за кражба на бакар, туку за сериозен напад врз критичната железничка инфраструктура и апелираат случајот итно да биде расчистен, а сторителите да бидат пронајдени и санкционирани.

По состанокот со директорите на „Железница Инфраструктура“ и „Железница Транспорт“, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, соопшти дека, и покрај штетата, нема да има промена во најавените планови.

– Градски воз ќе има од 1 септември. Редовниот карго-сообраќај на Коридор 10 ќе продолжи, како и патничките возови за Велес, Гевгелија, Прилеп и Битола – напиша Николоски на „Фејсбук“, изразувајќи уверување дека сторителите ќе бидат откриени со брза реакција на МВР.

 

ИЗДВОЕНИ