Старата скопска чаршија полека, но сигурно почнува да добива ново руво. Деновиве стартуваа градежните работи за еден од најголемите проекти за нејзино обновување, а увид на терен направи градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.

Во првата фаза од проектот се работи на поставување нова водоводна и канализациска мрежа. Потоа ќе следува обновување на препознатливата калдрма, поставување ново осветлување во староградски стил и средување на јавните површини, со цел Чаршијата да стане поуредена и пофункционална, без да го изгуби својот автентичен изглед.

– Со инвестиција од преку 28 милиони денари, на Старата чаршија ѝ ги враќаме функционалноста, современиот стандард и достоинството што ги заслужува. Ја обновуваме инфраструктурата, а во исто време го чуваме нејзиниот историски дух и препознатлив лик – порача Меџити.

Од Општина Чаир велат дека целта е да се подобрат условите за граѓаните, дуќанџиите и туристите, а Старата скопска чаршија да остане едно од најважните места во градот, препознатливо по својата историја, култура и традиција.

ИЗДВОЕНИ