Вечерта ја отвори амбасадорот на Кралството Шпанија во нашата земја, Рафаел Соријано Ортис, кој нагласи дека главната цел на заедничката културна програма е да се изградат мостови кои уште повеќе ќе ги зближат двете земји. -Шпанија цврсто ги поддржува европските аспирации на вашата земја. Во 2026 година се одбележуваат 20 години од отворањето на нашата амбасада во Скопје, со обновена посветеност на зајакнување на нашите билатерални односи, рече амбасадорот Соријано Ортис
Бурни и стоечки овации доби триото „Вибрарт“ од публиката што, синоќа, го проследи нивниот концерт во рамки на традиционалната Шпанска вечер на „Охридско лето“, што се одржа во црквата „Св. Софија“.
Вечерта ја отвори амбасадорот на Кралството Шпанија во нашата земја, Рафаел Соријано Ортис, кој нагласи дека главната цел на заедничката културна програма е да се изградат мостови кои уште повеќе ќе ги зближат двете земји.

– Оваа година имаме неколку работи за прославување. Во 2026 година се одбележуваат 40 години откако Шпанија се приклучи на Европската Унија, проект што целосно ја трансформираше нашата земја и шпанското општество. Како што знаете, Шпанија цврсто ги поддржува европските аспирации на вашата земја. Во 2026 година, исто така, се одбележуваат 20 години од отворањето на нашата амбасада во Скопје, со обновена посветеност на зајакнување на нашите билатерални односи. Поради сите овие причини, ми е драго што државниот секретар за ЕУ, господинот Сампедро, ни се придружи вечерва, рече амбасадорот Рафаел Соријано Ортис, упатувајќи посебна благодарност и до директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски за, како што кажа, одличната културна соработка што ја одржува со шпанската амбасада.
Соријано Ортис додаде и дека „со концертот во Охрид постигаме гол во корист на културата и духот на тимската работа меѓу нашите две земји“, споменувајќи ја во овој контекст шпанската репрезентација, која неодамна беше крунисана за светски шампион во фудбал.

Тројцата исклучителни музичари, пијанистот Хуан Перес Флористан, виолончелистот Фернандо Ариас Фернандес и виолинистот Мигуел Колом Куеста, со искрен и автентичен пристап му се посветија на репертоарот и оставија силен уметнички печат врз публиката која час и половина колку што траеше концертот, уживаше во секоја отсвирена нота.
– Ова ни е првпат не само на фестивалот, туку и во Македонија. Никогаш не сме биле во овој регион и се заљубивме во Охрид, навистина е преубав. Црквата е навистина неверојатна, еден од најубавите православни храмови. Акустиката помага, особено на трио како нас, да го дадеме најдоброто на концертот. Одбравме репертоар како клавирското трио на Бетовен во де-дур, клавирското трио бр.1 во де-мол од Менделсон и помалку познатото и ретко изведувано дело „Ноктурно“ оп. 148 на Шуберт, кое е недовршено и стои како кратко дело. За бис отсвиривме дело на големиот шпански композитор и пијанист од првата половина на 20 век, Мануел де Фаља. Годинава се одбележуваат 150 години од неговото раѓање и затоа направивме аранжман по тој повод, истакнаа харизматичните и виртуозни шпански музичари од триото „Вибрарт“.
Освен во овој состав, членовите на триото „Вибрарт“ градат и индивидуална уметничка кариера. Образовани на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во Мадрид и во Берлин, тие ја комбинираат нивната кариера со педагошка активност и со оркестарски проекти.

Шпанската вечер на 66. „Охридско лето“ заедно со македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, која е и покровител на фестивалот, ја проследи и државниот секретар за Европска Унија во Министерството за надворешни работи на Шпанија, Фернандо Мариано Сампедро Маркос.












