Фото: Сокуз на спортови

Македонската метропола – Скопје во наредните седум дена ќе биде центар на младинскиот спорт. На „Плоштадот Македонија“ свечено беше отворено Светското училишно првенство во ракомет, настан на кој учествуваат дваесет земји, а е во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија.

Од Скопје е испратена силна порака до светот – дека спортот обединува, младите се иднината, а Македонија е подготвена да биде домаќин на еден ваков голем настан. Овој настан е резултат на визија, посветеност и силна верба во младите, а лице кое стои зад таа визија е претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска.

„Скопје и Македонија не е само домаќини на еден спортски настан – туку домаќини на младоста, енергијата и иднината на светот. На едно место се собрани млади спортисти од дваесет земји, со различни јазици, култури и традиции, но со една заедничка вредност – љубовта кон спортот. Училишниот спорт има посебна тежина. Тој е училиште за живот, се учи дисциплина, почит, тимска работа, фер-плеј и истрајност. Тука се создаваат не само шампиони, туку и луѓе со вредности.

Ракометот, како спорт со длабока традиција во нашата земја, има посебно место во срцата на нашите граѓани. Горди сме што токму преку овој спорт денес ја испраќаме пораката дека младите се нашата најголема инвестиција. Организацијата на ваков настан е резултат на заедничка посветеност, визија и соработка.

Драги спортисти, пред вас се денови на натпревари, предизвици и можности. Но најважно од сè – ова е можност да создадете пријателства кои ќе траат цел живот. Победата е важна, но уште поважно е како ќе играте, како ќе се однесувате и што ќе понесете од ова искуство. Нека ова првенство биде симбол на заедништво, почит и фер игра. Добредојдовте во Македонија – земја на спортот, традицијата и големото срце“, беше пораката на Елена Мицковска.

На свеченото отворање беше присутна и Претседателката на Македонија Проф. Др. Гордана Сиљановска Давкова која го прогласи првенството за отворено. Претседателката им посака добредојде на учесниците потенцирајќи какви радости носи ракометот во Македонија. Потсети на 2012 година кога на „Плоштад Македонија“ се славеше историското петто место на македонската ракометна репрезентација на Европското првенство, успехот на Вардар во Лигата на шампиони и на 1997 година кога женската ракометна репрезентација приреди сензација на Светското првенство.

На сите учесници им се обрати и министерот за спорт Борко Ристовски.

„Како министер за спорт, но и како поранешен ракометар, навистина ми претставува голема чест што сме домаќини на Светското училишно првенство во ракомет. Во Скопје, се собрани над 700 млади спортисти. Особено ми е драго што токму нашата држава е избрана за домаќин и што токму овде, во Македонија можеби за првпат ќе блеснат некои идни ракометни ѕвезди. Тоа е јасен сигнал дека се движиме во вистинска насока. Денес испраќаме силна порака дека инвестицијата во младите, во нивниот развој и здрави навики, е инвестиција во иднината на нашето општество.

Натпреварувајте се чесно, со срце и со страст, но пред сè – уживајте во секој момент поминат на теренот. Ќе направиме сè за да обезбедиме беспрекорна организација и да се претставиме во најдобро светло – како земја во која ракометот е спорт број еден, спорт со традиција и спорт за кој ние Македонците имаме голема пасија, кажа министерот за спорт Борко Ристовски.

 

ИЗДВОЕНИ