46-годишниот Дарко Весковиќ, познат по прекарот Прика, бил убиен денес околу 16 часот во кафуле во населбата Кумодраж во Белград, додека друг маж е тешко ранет. Напаѓачот по пукањето избегал, а полицијата започнала обемна потрага.
На местото на настанот има голем број полицајци, додека форензичките експерти спроведуваат истрага во кафулето каде што се случило убиството. Полицијата ја започнала акцијата „Вихор“. Убиецот има слаба градба, а во моментот на убиството носел црна маица, фармерки, црни патики и беж капа.
Српски Телеграф објави дека поседува снимки од безбедносните камери. На видеото, како што пишува порталот, се гледа како Весковиќ станува да го поздрави човекот кој штотуку влегол во барот. Му ја подал раката, а кога се свртел да се врати на масата, напаѓачот извадил пиштол и го застрелал во главата од растојание од околу половина метар.
После тоа, пред да избега од кафулето, испукал неколку куршуми кон Вук М. (49), кој седел на масата со Весковиќ, при што тешко го ранил. Во моментот на пукањето, во барот имало неколку гости, но за среќа никој друг не бил повреден.
Весковиќ бил суден за убиство
Весковиќ претходно бил суден за убиството на Блаж Ѓуровиќ, кој бил убиен на 10 март 2018 година, во белградски Душановац, пред семејната куќа. Неколку дена по ликвидацијата, полицијата ги сомничила Весковиќ и Немања Иванов за тоа кривично дело.
Во времето на започнувањето на истрагата, Весковиќ бил недостапен за судските органи, па по него била распишана потерница од Интерпол. Тој бил уапсен на почетокот на април 2018 година на улица во Загреб, откако српската полиција им дала информации за неговите движења на хрватските колеги. Иванов бил уапсен непосредно пред него.
Според претходните медиумски извештаи, Весковиќ наводно бил близок до кланот Шкаља и соработник на Лука Бојовиќ и Филип Кораќ. Од друга страна, за Блаж Ѓуровиќ се зборувало дека е член на соперничкиот клан Кавач.












