На платформата, која им овозможува на корисниците да инвестираат пари во предвидување за политички, економски и други настани, уште на 1 јули беше отворен посебен пазар посветен на изборот на следниот премиер на Србија. Меѓу понудените имиња се поранешниот гувернер на Народната банка на Србија – Дејан Шошкиќ, поранешната ректорка на Универзитетот во Белград – Иванка Поповиќ, претставниците на Студентската листа – Илија Срдановиќ и Радомир Саичиќ, како и доскорешниот претседател на државата, Александар Вучиќ. Обемот на тргување поврзан со Александар Вучиќ привлекува особено внимание. Иако процената дека тој повторно ќе стане премиер беше само два проценти, вредноста на трансакциите поврзани со овој исход достигна приближно 2,7 милиони долари, што претставува повеќе од половина од вкупниот промет на пазарот за идниот премиер на Србија
По предвремените парламентарни избори во Србија одржани на 25 октомври, на кои Студентската листа освои мнозинство пратенички места, прашањето за избор на идниот премиер на Србија стана предмет на тргување на меѓународната платформа „Полимаркет“, каде што вредноста на трансакциите поврзани со името на новиот премиер надмина 4,38 милиони долари.
На оваа платформа, која им овозможува на корисниците да инвестираат пари во предвидување за политички, економски и други настани, уште на 1 јули беше отворен посебен пазар посветен на изборот на идниот премиер на Србија. Меѓу понудените имиња се поранешниот гувернер на Народната банка на Србија – Дејан Шошкиќ, поранешната ректорка на Универзитетот во Белград – Иванка Поповиќ, претставниците на Студентската листа – лија Срдановиќ и Радомир Саичиќ, како и доскорешниот претседател на државата, Александар Вучиќ, пишува „Политика онлајн“.
Според податоците достапни на 9 ноември, пазарната процена за Дејан Шошкиќ била околу 33 проценти, а за Иванка Поповиќ – околу 25 проценти. Радомир Саичиќ и Илија Срдановиќ имале приближно десет проценти, додека процената за Александар Вучиќ била два проценти. Процентите постојано се менуваат, па затоа се евидентирани различни вредности во текот на истиот ден. Забележливи се големи осцилации и во споредба со претходниот ден, кога во одредени периоди пазарот му припишуваше повеќе од 40 проценти на Шошкиќ, а повеќе од 30 проценти на Иванка Поповиќ. Овие промени не се последица на официјалната одлука на Студентската листа за кандидатот, туку на движењето на цените на договорите што се тргуваат на платформата.
Обемот на тргување поврзан со Александар Вучиќ привлекува особено внимание. Иако процената дека тој повторно ќе стане премиер беше само два проценти, вредноста на трансакциите поврзани со овој исход достигна приближно 2,7 милиони долари, што претставува повеќе од половина од вкупниот промет на пазарот за идниот премиер на Србија. Истовремено, прометот на договори поврзани со Дејан Шошкиќ надмина 221.000 долари, додека околу 47.000 долари беа регистрирани за Иванка Поповиќ. Исходот поврзан со Илија Срдановиќ беше предмет на трансакции од приближно 597.000 долари, а со Радомир Саичиќ – повеќе од 176.000 долари. Сепак, овие суми не ги претставуваат парите инвестирани во поединечни кандидати во исто време, ниту, пак, го означуваат бројот на луѓе што го поддржуваат нивниот избор. Тие се однесуваат на вкупната вредност на купувањата и на продажбите, а истиот договор може да се менува неколкупати. Затоа големиот промет не подразбира висока пазарна процена на одреден исход, како што може да се види во примерот на Александар Вучиќ, наведува Политика онлајн.
За разлика од агенциите за анкетирање на јавното мислење, „Полимаркет“ не спроведува анкети на јавното мислење, ниту ја мери поддршката за политичките кандидати. Процентите на оваа платформа се формираат врз основа на тргувањето на корисниците, кои користат пари за да ги изразат своите очекувања за идните настани. Корисникот што проценува дека одредено лице ќе стане премиер, може да купи договор што предвидува таков исход. Неговата цена се движи помеѓу нула и еден долар, а доколку се оствари и се потврди предвидувањето во согласност со пазарните правила, договорот се исплаќа по вредност од еден долар.
И додека сите во светот имаат можност да спечалат лицитирајќи за името на новиот српски премиер, победникот на изборите, Студентската листа сè уште го прави изборот. А како што пишува Нова.рс, останува нејасно кој ќе ги заземе клучните позиции во идниот Национален парламент и во Владата. Според кандидатите од Студентската листа, разговорите за кадровски решенија сè уште се одвиваат во рамките на студентските тела и низ универзитетските центри, следејќи го моделот на „пленум“, пристап што го карактеризира студентското движење уште од почетокот на протестите.












