Полскиот премиер Доналд Туск изјави денес на меѓународната конференција за енергетика во Гдањск дека не доаѓа предвид Европската Унија да ги ублажи санкциите за руската нафта и гас поради војната на Блискиот Исток и претстојната енергетска криза, и да се врати на вообичаениот предвоен бизнис со Русија.
Тој исто така рече дека Полска сигурно никогаш повеќе нема да стане зависна од руските извори на енергија.
„Полска сигурно, но ние сметаме и на цела Европа, никогаш повеќе нема да биде зависна од руската нафта и рускиот гас. За нас, ова е прашање на вистински суверенитет. Ќе соработуваме со нашите партнери и сојузници. Ја разбираме потребата од меѓународна соработка, без неа не можеме да ја изградиме нашата нуклеарна централа. Добро го знаеме сето ова, но ќе соработуваме со оние на кои можеме да се потпреме, а не со оние кои претставуваат закана за нас“, рече Туск.
Тој потсети дека како премиер на Полска уште во 2014 година, по анексијата на Крим, покренал иницијатива во ЕУ за енергетска унија и дека заедно со земјите од регионот и сега работи на тоа да се одржи тој курс и независноста од руските енергенси.
– Слушам некаде гласови по повод енергетската криза и војната на Блискиот Исток дека можеби би вредело да се олеснат санкциите, дека можеби би вредело да се вратиме на она секојдневно енергетско работење со Русија. Не доаѓа предвид, господа. Тоа е прашање на безбедност, прашање на опстанок на Западот, Европа, Полска и тука сметам не само на разбирањето на нашите партнери, туку и на соработката – рече Туск.
Полскиот премиер во обраќањето на енергетската конференција во Гдањск истакна дека сега, со војната во Украина и избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток, добро се гледа колку се испреплетени безбедноста на Европејците и достапноста и цените на енергенсите.
.












