Уште еден успешен викенд е зад атлетичарите на АК Олимп, кои на „Илинден Ран“ забележаа три пласмани на подиумот, личен рекорд, најдобар сезонски резултат и нов национален рекорд на Косово.
На трката на 5 километри, Дарија Крстевска стигна до победата со време од 18:41 минути. Освен првото место, резултатот за Крстевска значеше и нов личен рекорд и уште една потврда на одличната форма во која се наоѓа сезонава.
Силен настап на 10 километри имаше Греса Бакрачи, која со време од 35:41 минути го освои второто место. Нејзиниот резултат воедно е и нов национален рекорд на Косово.

На истата дистанца, Адријана Поп Арсова Рашиќ ја освои третата позиција со време од 37:26 минути, што е нејзин најдобар резултат оваа сезона.
Многу блиску до подиумот беше и Ирма Хајдари на 5 километри. Таа заврши на четвртото место во женска конкуренција, а беше втора меѓу македонските натпреварувачки.
Во машката трка на 10 километри, Димитар Илиев оствари време од 32:57 минути, со што го освои петтото место во генералниот пласман и третото место меѓу македонските натпреварувачи.
Настап на 5 километри имаше и Игор Стојановски, кој трката ја заврши за 19:09 минути и се пласираше на 25. место.
Со три подиуми и серија вредни индивидуални резултати, АК Олимп го заокружи уште еден успешен натпреварувачки викенд. Формата на атлетичарите и континуитетот во резултатите продолжуваат да бидат најсилната потврда за работата што се прави во клубот во текот на целата сезона.














