понеделник, септември 28, 2026
Дома СВЕТ Беснее војна во Африка, сите повикуваат на мир

Беснее војна во Африка, сите повикуваат на мир

0
EPA/STR

Џибути повика на деескалација на тензиите и мирно решавање на споровите во услови на неодамнешните безбедносни тензии во Етиопија. Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Џибути соопшти дека оваа земја од регионот на Црвеното Море „со загриженост ја следи ситуацијата во Етиопија“.

Потврдувајќи ја својата солидарност со „братскиот етиопски народ во неговото легитимно право на траен мир и кохезија“, министерството изрази жалење поради повторното избивање на конфликт во Етиопија, опишувајќи го како голем извор на страдање за населението и причина за нестабилност што е контрапродуктивна за развојот на Етиопија и за регионалната економска интеграција.

Соопштението доаѓа во момент кога зголемените тензии во северна Етиопија предизвикаа меѓународна загриженост за можно повторно разгорување на конфликтот, имајќи го предвид двогодишниот конфликт меѓу етиопските федерални сили и трупите лојални на Народниот фронт за ослободување на Тиграј (ТПЛФ), кој траеше од ноември 2020 до ноември 2022 година.

Таа војна остави милиони луѓе со итна потреба од хуманитарна помош, пред двете страни да потпишат историски мировен договор во Преторија, Јужна Африка, за ставање крај на непријателствата. Во петокот, Обединетите нации изразија загриженост поради континуираното влошување на безбедносната ситуација во северна Етиопија и ширењето на борбите на повеќе фронтови, јавува Синхуа.

Африканската унија исто така повика на „максимална воздржаност и итен прекин на сите активности што би можеле дополнително да ги ескалираат тензиите“, истовремено апелирајќи за итно продолжување на директните преговори во рамките на Договорот од Преторија.

Во услови на ескалација на безбедносната ситуација, Етиопските национални одбранбени сили во четвртокот објавија дека 272 бунтовници од ТПЛФ биле убиени по неуспешната офанзива на групата во вторникот вечерта.

ИЗДВОЕНИ