сабота, ноември 28, 2026
Дома БАЛКАН Бегалец баран од ФБИ уапсен во Подгорица: Се гони за убиство и...

Бегалец баран од ФБИ уапсен во Подгорица: Се гони за убиство и уште пет кривични дела, користел 29 лажни идентитети за да ѝ избега на полицијата

2

Н. К. (54), кој е баран од САД за шест кривични дела, е пронајден и уапсен во Црна Гора, соопшти црногорското Министерство за внатрешни работи.

Оттаму додадоа дека апсењето е извршено во заедничка, координирана акција на Полициската управа и Федералното истражно биро (ФБИ).

Синоќа, полициски службеници од тимот FAST за меѓународни целни претреси на NCB Интерпол Подгорица, врз основа на претходно разменети оперативни и разузнавачки податоци со партнерската служба на Федералното истражно биро (ФБИ), го лоцираа меѓународно бараното лице Н. К. во Подгорица и го лишија од слобода, постапувајќи врз основа на меѓународната потерница издадена по него.

Меѓународната потерница е издадена од NCB Интерпол Вашингтон, на барање на Федералното истражно биро (ФБИ), а врз основа на наредбата на Окружниот суд за Источниот округ на Њујорк.

Именуваното лице се бара за кривично гонење поради сомнение за сторени шест кривични дела, имено: две кривични дела разбојништво во соизвршителство, кривично дело злоупотреба на пасош, кривично дело тешка кражба на идентитет, кривично дело лихварство и кривично дело лихварство во соизвршителство.

Секое од горенаведените кривични дела поединечно, според законодавството на Соединетите Американски Држави, се казнува со затворска казна до 20 години.

При извршувањето на едно од горенаведените кривични дела, за време на полициска потера спроведена од страна на полициски службеници од Њујорк, Н. К., додека бегал со возило, убил граѓанин во населбата Квинс во Њујорк.

Меѓународната потерница на Соединетите Американски Држави за ова лице стана достапна за Националното централно биро на Интерпол Подгорица на 18 ноември, по што следеа интензивни оперативни активности, проверки и размена на податоци со партнерска служба, што резултираше со негова прецизна локација во објект во Подгорица.

За време на неговото бегство и криење, со цел да го скрие својот идентитет и да ги избегне органите за спроведување на законот, Н. К. користел 29 различни идентитети, покрај неговиот вистински идентитет.

На лишувањето од слобода на ова лице му претходеше интензивна соработка и размена на оперативни податоци помеѓу службениците на тимот на Интерпол НЦБ Подгорица – FAST за меѓународни целни претреси со партнерски агенции за спроведување на законот на Соединетите Американски Држави, како и спроведување на оперативно-тактички мерки и дејствија од страна на службениците на Полициската управа. Овие активности резултираа со прецизно лоцирање и апсење на меѓународно барано лице, што уште еднаш го потврди континуитетот на успешната соработка, размена на разузнавачки и оперативни информации помеѓу Полициската управа на Црна Гора и Федералното истражно биро (ФБИ), што овозможува навремено лоцирање и апсење на најбараните бегалци од листата на ФБИ, се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи на Црна Гора.

Во тек е понатамошна комуникација помеѓу судските органи на Црна Гора и Соединетите Американски Држави со цел спроведување на постапката за екстрадиција на ова лице до надлежните судски органи на Соединетите Американски Држави.

ИЗДВОЕНИ