Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач, Мохамад Багер Галибаф, ги оспори тврдењата на САД дека презеле контрола врз Ормускиот теснец, укажувајќи на постојано високата цена на нафтата.
Синоќа, преку платформата „Икс“ (X), Галибаф изјави дека нафтата се тргува по цена за околу 35 долари повисока по барел во споредба со нивоата пред конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
„Или пазарот е глупав, или американската машинерија за креирање наративи ја искривува реалноста“, напиша Галибаф на англиски јазик.
Со доза на иронија, тој додаде дека за оние што веруваат во американската верзија за настаните во Ормускиот теснец, постои „бесплатен долар на автоматот“, повикувајќи ги да одат и да го земат.
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата изјави дека САД имаат целосна контрола врз Ормускиот теснец и го отфрли најновиот мировен предлог на Техеран како „неприфатлив“.
Трамп нагласи дека САД „убедливо победуваат“, додека Иран трпи огромни загуби поради американската поморска блокада и економските мерки.












