Поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Џикиќ, оствари голема победа со Грузија, откако неговиот тим ја совлада Грција со 92:88 по продолжение во Атина. Сепак, по натпреварот, српскиот стратег не беше во центарот на вниманието поради резултатот, туку поради зборовите што ги упати за својот капитен, Торнике Шенгелија.

Шенгелија одигра неверојатен натпревар и покрај исклучително тешките околности низ кои минувал. Само еден ден претходно настапил за Дубаи против Партизан во Евролигата, а потоа веднаш отпатувал за Атина, каде што пристигнал во хотелот околу четири часот наутро. И покрај речиси целосниот недостиг од одмор, на паркетот помина 43 минути и 48 секунди.

Но, зад неговата посветеност се криеше и голема лична трагедија. За време на патувањето дознал дека починала неговата баба, со која бил многу близок. Џикиќ бил запознаен со ситуацијата и дури му понудил можност да не настапи, но капитенот на Грузија инсистирал да му помогне на националниот тим.

  • Што се однесува до Токо… Луѓе, не знам што да кажам. Секогаш имаме протоколи за да му овозможиме малку одмор – преку тајм-аути, слободни фрлања, челинџи… Тој се врати во хотелот во четири наутро, а сепак одигра 44 минути. Имаше и проблем со лакoтот. Секојпат кога прашував дали му треба замена, тој ми велеше дека е добро, раскажа Џикиќ.

Потоа следуваше уште една изјава со која најдобро ја опиша почитта кон својот капитен.

  • Постигна 25 поени. Не знам што да кажам. Мојата работа е полесна бидејќи имам можност да тренирам човек како него. Животот на моите играчи е полесен со капитен како него, додаде Србинот.
  • Шенгелија навистина беше еден од главните херои на Грузија, завршувајќи го натпреварот со 25 поени, 11 скока, пет асистенции и две блокади. Неговиот соиграч Дуда Санадзе откри дека целиот тим бил дополнително мотивиран од неговата жртва.

Тој излезе на теренот и таму го остави своето срце и душа. Јас секогаш ќе играм за Грузија, но овој натпревар го одиграв и за Токо. Сакав да победиме заради него, изјави Санадзе.

Грузијците ја крунисаа големата борба со неверојатен пресврт во продолжението. Иако губеа со 88:81, направија серија од 11:0 и стигнаа до победа од 92:88. Триумфот во Атина ќе се памети по резултатот, но и по примерот на Шенгелија, чија посветеност ги надмина границите на кошарката.

ИЗДВОЕНИ