Реконструкцијата на трговскиот центар во населбата Лисиче се одвива според предвидената динамика и по нејзиното завршување, тој ќе прерасне во функционален, безбеден и уреден простор за секојдневен престој на граѓаните.
Од Општина Аеродром информираа дека во рамките на проектот се врши комплетно поплочување на површина од околу 6.000 квадратни метри, се поставува нова урбана опрема. Воедно, ќе се постават и шах-маси, а ќе има и детско игралиште.
Акцент е ставен на целосното хортикултурно уредување, но и на новото современо осветлување на целиот трговски центар.
– Трговскиот центар во Лисиче не добива само нови плочки. Го уредуваме целокупниот простор со ново зеленило, современо осветлување, урбана опрема и со содржини што ќе го направат ова вистинско место за собирање и дружење на граѓаните. Лисиче заслужува современ и уреден центар и токму тоа го реализираме – изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Александар Митески.
Станува збор за капитален проект вреден 22,2 милиони денари, кој се реализира со поддршка од Владата.












