вторник, ноември 3, 2026
Дома БАЛКАН Скандал во Грција: Средства собрани за деца болни од рак наводно завршиле...

Скандал во Грција: Средства собрани за деца болни од рак наводно завршиле на обложување и во клубови

0

Невладина организација со седиште во северна Грција, обвинета за злоупотреба на кампањи за собирање помош за деца болни од рак, наводно ги пренасочувала донациите на приватни сметки, ги користела за обложување и ги префрлала кон компании поврзани со раководството на организацијата. Ова денеска го објави весникот „Катимерини“, повикувајќи се на наоди од полициската истрага.

Според извештаите, истражителите документирале 92 кампањи спроведени од организацијата „Паидики Хара“ („Детска радост“), кои се однесувале на 55 деца.

Триесет и пет родители ги известиле надлежните органи дека не знаеле оти донациите – уплатени преку системот „IRIS“ – завршувале на приватни сметки или на сметка на „PayPal“ што ѝ припаѓа на предметната невладина организација.
Истрагата покажала дека семејствата добиле приближно 1,12 милиони евра, додека на сметките на организацијата биле уплатени вкупно 3,99 милиони евра донации.

Истражителите проценуваат дека повеќе од 250.000 евра – за кои постои сомневање дека се проневерени – биле вложени во два аматерски фудбалски клуба во регионот Пиерија.

Случајот вклучува и обвинувања за местење натпревари и активности поврзани со обложување, како и пораки во кои се дискутира за исплати чија цел била да влијаат врз исходот на еден натпревар во септември 2026 година. Судската документација содржи и детали за уплати за обложување извршени од обвинетиот раководител на организацијата.

Според истражителите, овие суми не соодветствувале со неговите пријавени приходи.

ИЗДВОЕНИ