
Од медитеранскиот брег до планинските предели, термалните извори и античката тишина
Турција не се открива во една слика, ниту во една сезона. Од топлиот медитерански брег до планинските предели и термалните извори во внатрешноста, секој регион носи своја приказна и свој ритам. Патувањето покажува дека растојанието овде не е само географско туку и историско. Во ист ден може да има и снег и сонце, и тишина и бранување, и антика и современ луксуз. Токму во тие спротивности се крие вистинскиот карактер на земјата
Од Калеичи и Лаодикеја до Памук Кале и Испарта, секое место отвора нов слој на историја и на култура. Античките градови не се само археолошки локалитети туку и живи простори каде што минатото сè уште се чита меѓу каменот и водата. Истовремено, традициите како што се бербата на рози, турскиот локум и бањските ритуали, продолжуваат да го обликуваат секојдневието. Природата и човекот тука не се одвоени, туку во постојан дијалог. Тоа патување не нуди само места туку и искуства што остануваат во сетилата
Понекогаш најдобрите патувања не почнуваат со однапред поставен план, туку со љубопитност да се види нешто поинакво од стандардната слика за една земја. Така и ова патување низ југозападна Турција не беше само приказна за Анталија и морето туку и обид да се открие она што често останува зад туристичките разгледници.
Од првите километри станува јасно дека не се мери овој регион само по должината на плажите или по бројот на хотели. Тука, секој пат води кон различно лице на една иста земја – некогаш кон тивки антички градови, некогаш кон геолошки феномени што изгледаат како да не припаѓаат на овој свет, а некогаш кон современи, луксузни хотели изградени околу термални извори, каде што топлата минерална вода станува дел од секојдневниот одмор и искуство.
Во тие спа-комплекси, времето добива поинаков ритам. Тишината, топлината и чувството на релаксација се спојуваат со долгата традиција на бањски туризам, која во овој дел од Турција трае уште од антички времиња.
Во таа смисла, патувањето низ внатрешноста на Турција отвора поинаква перспектива: помирна, подлабока и поавтентична. Перспектива во која не си само турист туку и набљудувач на еден простор што се гради со векови, се менува и се памети.
И токму таму почнува вистинската приказна.
Калеичи – историскиот дух на Анталија

Веднаш по пристигнувањето во Анталија, нашата прва средба со градот беше во сигурните раце на туристичкиот водич Фераје, чии енергија, знаење и посветеност веднаш го поставија тонот на целото патување. Со нејзино водство, првиот чекор нè одведе кон местото, каде што Анталија најсилно го чува својот идентитет – стариот град Калеичи. Првиот чекор низ тесните калдрмисани улички беше како влегување во поинаков временски слој, каде што бучавата на современиот град полека исчезнува зад камените ѕидини.
Токму тука, во сенката на старите османлиски куќи со дрвени балкони и мирисот на море што допира од блиското пристаниште, беше испиен првиот турски чај. Стаклените чаши со темноцрвен пијалак го донесоа првиот вистински контакт со ритамот на градот: бавен, топол и гостопримлив. Сето тоа се случуваше со поглед кон бескрајната сина линија на Средоземното Море, каде што хоризонтот тивко се спојува со небото, поттикнувајќи го чувството дека патувањето навистина почнува токму таму, меѓу мирот на водата и живата историја на Калеичи.
И токму во тој момент почна вистинското запознавање со Анталија – не преку разгледници, туку преку мирисот на чајот, каменот под нозете и тивката приказна на градот.
Калеичи претставува историскиот центар на Анталија и едно од најзначајните културно-историски подрачја на турскиот Медитеран. Сместен покрај брегот на Средоземното Море и опкружен со антички градски ѕидини, Калеичи го зачувал духот на старите времиња и денес е една од најпосетуваните туристички атракции во регионот.
Неговите тесни калдрмисани улици, традиционалните османлиски куќи со дрвени чардаци и црвени покриви, како и бројните историски споменици, создаваат уникатна атмосфера, која ги привлекува посетителите од целиот свет. Калеичи е место каде што се испреплетуваат историјата и современиот живот.

Историјата на Калеичи почнува со античкиот град Аталеја, основан во 2 век пред нашата ера, од пергамскиот крал Атал II Филаделф. Во текот на вековите, градот бил под власт на Римјаните, Византијците, Селџуците и на Османлиите и секој од овие периоди оставил значајни архитектонски и културни траги. Еден од најпознатите споменици и препознатлив белег на градот е Хадријановата порта, изградена во чест на римскиот император Хадријан, при неговата посета на градот во 130 година.
Меѓу најзначајните знаменитости во Калеичи се и минарињата Јивли и Кесик, кулата Хидирлик и џамиите Искеле и Текели Мехмет-паша. Овие историски објекти, во една слика, сведочат за богатото минато и за различните цивилизации, кои оставиле свој белег во развојот на градот.

Посебен шарм на Калеичи му дава старото пристаниште, кое денес е модерна марина исполнета со ресторани, кафулиња и со туристички бродови. Од пристаништето се отвора прекрасен поглед кон Средоземното Море и кон карпестиот брег на Анталија, што го прави едно од најфотографираните места во градот.
Благодарение на успешните проекти за зачувување и реставрација на историското наследство, Калеичи успеал да го задржи својот автентичен изглед. Денес тој претставува симбол на Анталија и едно од најдобрите места за запознавање со богатата историја, архитектура и култура на турскиот Медитеран.
„Дијалог“ меѓу планината и морето
Од Анталија до Испарта се патува како низ две различни годишни времиња во еден ист ден. Само околу 150 километри ги делат медитеранскиот брег и планинското срце на Анадолија – патување од приближно 2-2,5 часа со автомобил. Токму таа кратка дистанца ја прави оваа маршрута една од најневообичаените туристички можности во регионот.
Во утринските часови, на падините на планината Давраз, дел од поширокиот планински систем Торос, снегот сè уште крцка под нозете, а скијачите дури до април, понекогаш и во мај, ги користат последните денови во еден од најпопуларните ски-центри во југозападна Турција. Неколку часа подоцна, истиот пат води надолу, кон топлиот медитерански воздух и палмите на Анталија.
И токму таму лежи особеноста на овој регион – ретка можност туристот во ист ден да доживее две целосно различни сцени: изутрина да скија на планинските падини над Испарта, а навечер да плива во топлото Средоземно Море покрај брегот на Анталија. Тоа е контраст што не се среќава често: спој на снегот и на солената вода, на тишината од планините и на живиот ритам на медитеранскиот брег.
Овој природен „дијалог“ меѓу планината и морето ја прави маршрутата Анталија – Испарта повеќе од обично патување. Таа станува искуство во кое географијата се претвора во доживување, а растојанието – во привилегија.
Но, Испарта не е град за кој може да се раскаже на неколку страници. Додека низ улиците сè уште се задржува мирисот на розите, а езерските ветрови носат свежина од околните планини, станува јасно дека секој агол крие своја приказна. За нејзините езера што ја огледуваат тишината на Анадолија, старите населби, луѓето, традициите и за природните богатства што му даваат посебна душа на овој крај, ќе пишуваме одделно. Зашто Испарта не е само дестинација што се посетува туку и место што полека се открива и долго останува во сеќавањата на секој патник.
Афион – слоеви историја
Од мирисот на розите и тишината на езерата, патот нè поведе кон еден поинаков свет. Додека зад нас остануваа зелените падини на Испарта, пред нас полека се отвораше пејзажот на Афион (Афионкарахисар) – град во кој каменот и историјата зборуваат подеднакво гласно како и природата. Ако Испарта се памети по боите и мирисите, тогаш Афион се открива преку својата древна меморија, врежана во карпите, музеите и во старите градби што со векови му пркосат на времето. Тука патувањето добива нова димензија – од свет на природните убавини преминува во простор каде што секој камен носи трага од некоја цивилизација, а секој поглед кон хоризонтот води кон нова историска приказна.
Посетата на Археолошкиот музеј во Афион отвора приказна за еден од најстарите културни слоеви во западна Анадолија. Во неговите збирки се претставени артефакти од праисторијата, античкиот период и од византиската ера, кои сведочат за континуираниот живот на ова подрачје низ илјадници години.

Изложбата опфаќа керамика, скулптури, монети и секојдневни предмети, кои откриваат како изгледал животот во древните населби околу Афион. Особено внимание привлекуваат камените и бронзените предмети со прецизна изработка, кои зборуваат за високо развиени занаети и за културни влијанија.
Шетајќи низ салите, посетителот добива чувство на слоевитост на историјата – како секој експонат да претставува парче од голема, непрекината приказна. Музејот не е само збирка на предмети туку и простор каде што минатото на регионот се чита преку материјалните траги што ги зачувало времето.
Големата џамија (Улу џами) во Афион, пак, открива една од најзначајните османлиски верски градби во регионот. Џамијата се издвојува со својата едноставна, но импозантна дрвена архитектура, која создава чувство на топлина и спокој во внатрешноста.
Изградена во 14 век, таа е еден од најстарите зачувани примери на раноосманлиската архитектура во Анадолија. Внатрешниот простор е поделен со масивни дрвени столбови и украсен со рачно изработени детали, кои сведочат за традиционалните занаетчиски вештини од тоа време.
Улу џами не е само верски објект туку и живо сведоштво за историјата и за културниот континуитет на Афион.
Да бидеме искрени, Карахисарската тврдина овој пат не ја видовме од врвот – не се искачивме до самите ѕидини, туку останавме во подножјето. Но и оттаму, таа остава силен, драматичен впечаток.

Одоздола, карпата на која е поставена изгледа уште повисоко и пострмно. Се издига над градот како темна маса што ја сече линијата на небото, а ѕидините на врвот само повремено се наѕираат меѓу карпестите рабови. Во тој агол, тврдината не изгледа како објект што се гледа, туку како нешто што те набљудува од височина.
Сонцето што удира во карпата ја менува нејзината боја во текот на денот – од сива и тешка наутро до топлозлатна во попладневните часови. Под неа, градот се шири тивко, речиси смирено, како да живее во постојана сенка на својата историја.
Иако не се искачивме на врвот, токму погледот од подножјето ја открива вистинската моќ на ова место – чувството дека тврдината не е само дел од пејзажот туку и негова доминантна приказна, врежана во карпата над Афион.
Турска бања – посебно доживување

Се упативме кон еден од луксузните спа и велнес комплекси во Афион, град познат по своите термални извори и по долгата традиција на бањски туризам. Таму термалната вода не е само природен ресурс туку и дел од секојдневниот ритам и културата на одмор.
Уште при влегувањето во спа-зоната, просторот изгледа смирувачки: топли тонови, тишина и благ мирис на минерална вода што веднаш го забавува темпото на денот. Луксузните хотели во регионот ги користат термалните извори за базени, релаксациски бањи и за разни терапевтски третмани, создавајќи амбиент каде што удобноста и здравјето одат рака под рака.
Посебно доживување е турската бања – хамам, каде што мермерните површини, пареата и топлината создаваат речиси ритуална атмосфера. Традиционалниот пилинг и масажата не се само третман туку и целосен процес на релаксација, во кој телото постепено се ослободува од заморот. За женскиот дел од екипата се погрижи Хулија, која ни приреди едно од најнезаборавните искуства.
Во таков амбиент, времето како да забавува. Афион не се доживува само како дестинација туку и како место каде што термалната вода станува искуство – одмор што истовремено смирува, обновува и остава чувство на леснотија.
Лаодикеја – град што зборува низ вековите
Но, патувањето низ овој дел од Турција не носи само средби со природните богатства и со традициите на денешницата. Откако ќе ѝ се препушти телото на лековитата топлина на термалните извори, следниот чекор води кон едно сосема поинакво патување – низ времето. Од мирисот на пареата и тишината на хамамот, патот продолжува кон камените сведоци на цивилизациите што со векови ја обликувале Анадолија. Токму таму, во близина на Денизли, нè пречека едно од највеличествените археолошки богатства на Анадолија – древната Лаодикеја.

Под жешкото сонце на југозападна Турција, недалеку од Денизли и од светски познатите варовнички формации на Памук Кале, се отвора една од најимпресивните археолошки сцени на античкиот свет. Овој древен град, основан во III век пред нашата ера, денес претставува вистински музеј на отворено.
Уште при влегувањето меѓу урнатините, чувството е како да се чекори низ времето. Широките камени улици, колоните што сè уште гордо се издигаат кон небото и остатоците од јавните згради сведочат за богатството и моќта што ги поседувал овој град некогаш. Во римскиот период, Лаодикеја била значаен трговски и текстилен центар, сместен на крстопатот на главните патишта што ги поврзувале западна, централна и јужна Анадолија.

Особен впечаток остава огромниот стадион, кој се смета за најголем во античка Анадолија. Додека стоев на неговите камени трибини, лесно беше да се замислат илјадниците гледачи што пред две илјади години ги следеле спортските натпревари и јавните свечености. Недалеку се наоѓаат и двата антички театри, уште еден доказ за културниот подем што го доживеала Лаодикеја во својот златен период.
Но, Лаодикеја не е значајна само по својата архитектура. Таа е позната и како една од седумте цркви споменати во библиската книга „Откровение“. Остатоците од ранохристијанската базилика и бројните христијански симболи пронајдени при ископувањата сведочат за нејзината важна улога во ширењето на христијанството низ Мала Азија.
Археолошките истражувања продолжуваат и денес. Во последните години е дојдено до нови, значајни наоди, меѓу кои и делови од антички статуи, советничка сала од римскиот период и други објекти што дополнително ја осветлуваат историјата на градот. Секој нов пронајден камен носи ново парче од сложувалката на една цивилизација што процветала, преживеала разорни земјотреси и на крајот била напуштена во VII век.
Античкиот театар повторно блеска по векови тишина

Еден од највпечатливите антички театри во Мала Азија денес повторно го привлекува вниманието на посетителите од целиот свет. Театарот претставува значајно сведоштво за богатата историја на римскиот и на хеленистичкиот период. Изграден пред повеќе од 2.200 години, театарот имал капацитет за околу 15.000 гледачи и бил центар на културниот и на општествениот живот во градот. Со текот на времето, силните земјотреси и природните влијанија предизвикале големи оштетувања, а поголемиот дел од објектот останал затрупан под земја.
Археолошките истражувања почнати на почетокот од овој век открија значителен дел од структурата, а во последните години беа реализирани обемни реставраторски работи. Нашиот туристички водич, Фераје, ни кажа дека пред три години биле видливи само најгорните редови на седиштата, додека денес посетителите може да го видат речиси целиот амфитеатар во неговата обновена форма.
Реставрацијата овозможи театарот повторно да стане место за културни настани, по речиси 1.700 години пауза. Овој проект претставува еден од најзначајните примери за зачувување на античкото наследство во Турција.

Лаодикеја и понатаму останува активен археолошки локалитет, каде што редовно се откриваат нови градби, скулптури и артефакти. Истражувачите веруваат дека под земја сè уште се кријат бројни тајни, кои ќе помогнат подобро да се разбере животот во еден од најбогатите градови на античкиот свет.
Обновениот театар денес е симбол на успешното спојување на археологијата, историјата и на современата конзервација, претворајќи ја Лаодикеја во една од најпосетуваните историски дестинации во Турција.
Но, Лаодикеја не воодушевува само со храмовите и со театрите. Градот бил вистинско инженерско чудо за своето време. Низ него функционирал развиен систем за довод на пивка вода преку аквадукти и керамички цевки, кои носеле вода од околните извори до јавните фонтани, бањите и до домовите на побогатите жители. Археолошките истражувања откриваат и сложен канализациски систем, со подземни канали што овозможувале одведување на отпадните води надвор од градските ѕидини.

Уште поимпресивен бил системот за греење во римските бањи и во јавните објекти. Со подно греење што функционирало преку циркулацијата на топол воздух под подовите и низ шупливите ѕидови, жителите уживале во комфор, кој и денес предизвикува восхит. Токму ваквите технолошки решенија покажуваат дека Лаодикеја не била само богат трговски центар туку и град со високо развиена урбана култура и инфраструктура.
Денес, туристите и археолозите се движат по истите улици по кои некогаш чекореле трговци, свештеници и владетели. Лаодикеја продолжува да ја раскажува својата приказна. Таа не е само археолошки локалитет туку и живо сведоштво за подемот и за падот на големите цивилизации, место каде што минатото и сегашноста се среќаваат меѓу мермерните столбови и древните камени патишта.
За посетителот, Лаодикеја не е обична туристичка дестинација. Таа е патување низ повеќе од две илјади години историја, искуство што остава впечаток дека античкиот град сè уште живее – тивко, но достоинствено, под анадолското небо.
Памук Кале и Хиераполис – каменот, водата и историјата дишат заедно
Под југозападното сонце на Турција, таму каде што се допираат природата и историјата како ретко каде во светот, се отвора една од највпечатливите глетки на планетата – Памук Кале и антички Хиераполис. Ова место не е само туристичка дестинација туку и жив музеј во кој каменот, водата и човечката историја се испреплетени во единствена приказна стара илјадници години. Уште при приближувањето кон Памук Кале, погледот го привлекуваат блескавите бели каскади, кои се спуштаат по ридот како замрзнат водопад. Овие природни формации се создадени од минерални извори богати со калциум карбонат, кои се таложеле со векови и оформиле надреални снежнобели базени.

Чекорот по нив е внимателен, речиси свечен. Водата тече бавно, топла е и минерална, а секоја тераса изгледа како природна када обликувана од самата земја. Погледот од врвот е спектакуларен: бескрајни бели каскади што се прелеваат кон долината, додека хоризонтот се губи во меката сина магла на анадолското небо.
Над белите каскади се издига античкиот град Хиераполис, основан во II век пр. н. е. од Пергамското Кралство. Градот бил познат како лековито бањско и религиозно средиште, каде што луѓето доаѓале да се лекуваат во топлите извори и да бараат духовно прочистување.
Шетајќи низ Хиераполис, се чувствува тежината на времето. Широките камени улици, остатоците од колонади и монументалните порти сведочат за некогашниот сјај на градот. Особено впечатлив е големиот театар, еден од најдобро зачуваните во Анадолија, со капацитет за илјадници гледачи, каде што одекнувале гладијаторски борби и драмски претстави.
Во близина се наоѓа и прочуената Некропола, со стотици саркофази и гробници што раскажуваат приказни за луѓето што живееле некогаш во овој благословен, но и суров предел. Тука се чувствува тишина што зборува повеќе од секој водич.
Памук Кале, што во превод значи „памучен замок“, не е само природно чудо туку и симбол на спојот меѓу природата и човечката цивилизација. Римјаните, Византијците и сите што поминале низ овие простори оставиле свој белег, но природата останала главен архитект.
Денес, ова место е под заштита на УНЕСКО и привлекува посетители од целиот свет. Но, и покрај туристичката навалица, утринската тишина или вечерниот зрак светлина врз белите тераси создаваат чувство како да застанало времето.
Памук Кале и Хиераполис не се само дестинација за фотографија. Тие се доживување – патување низ геологијата, историјата и низ митологијата, каде што секој чекор носи нова приказна, а секоја капка вода носи спомен од античкиот свет.
Во срцето на античкиот Хиераполис се наоѓа гробот на свети Филип, еден од дванаесеттемина апостоли на Исус. Според преданието, тој бил маченички погубен токму на тоа место, поради што подоцна бил изграден голем мартириум – спомен-комплекс посветен на неговата жртва.
Денес се гледаат само темелите и делумно реконструираните структури, но местото зрачи со силна духовна атмосфера. Сместено на рид над градот, тоа нуди поглед кон целата долина на Памук Кале и претставува важно ранохристијанско светилиште.
Недалеку се наоѓа и прочуениот базен на Клеопатра, термален базен со топла минерална вода. Легендата вели дека таму се капела египетската кралица. Водата е богата со минерали и уште од античко време се смета за лековита. Денес посетителите може да пливаат меѓу потонатите колони и да доживеат уникатно чувство како да се наоѓаат во подводен археолошки музеј.
Пештерите Каклик

Во близина на Денизли се наоѓаат и пештерите Каклик, познати и како „подземно Памук Кале“. Ова уникатно место се наоѓа во внатрешност на пештера, каде што минералните извори илјадници години создаваат бели варовнички наслојки и мали природни базени.
Уште при влегувањето се чувствува свежина и тивка, речиси мистична атмосфера. Топлата минерална вода полека се прелева преку белите формации, создавајќи тиркизни одблесоци во полутемнината.
За разлика од Памук Кале, овде искуството е поинтимно и потивко, без голем метеж и отворени панорами. Пештерата нуди затворен природен простор што личи на подземен амфитеатар обликуван од водата низ вековите.
По денот исполнет со природни чуда и нови доживувања, немаше поубав начин да го заокружиме патувањето од тивок вечерен момент во мирна атмосфера, каде што впечатоците полека слегнуваа и се претвораа во спомени. Како дел од ова искуство во Турција, имавме привилегија да дегустираме вина директно во винарницата на ридовите во селото Чал, каде што секоја чаша беше претставена како приказна сама за себе – од сортата на грозјето, преку начинот на обработка, па сè до конечниот вкус што ги одразува земјата и климата на овој крај. Овој крај е познат по ридестите предели покриени со лозја, каде што винската традиција е длабоко вкоренета во локалниот начин на живот.
„Hadi gidelim“ – до следното видување
Ова патување покажа дека Турција не е само земја на медитерански плажи и летни одмори. Таа е и простор каде што се испреплетуваат историјата, природата и современиот живот во искуства што се доживуваат со сите сетила.
Алтернативниот туризам овде отвора сосема поинаква перспектива – наместо само море и хотелски комплекси, посетителот добива можност да зачекори низ антички градови, да допре геолошки чуда и да почувствува тишина што раскажува приказни стари илјадници години.
Токму во таа разновидност лежи вистинската вредност на Турција како дестинација. Таа не нуди само едно лице туку и цела палета на доживувања – од топол медитерански брег до студена свежина на пештерите и величествени остатоци од древните цивилизации.
Затоа вистинското патување не завршува на плажа. Тоа продолжува во внатрешноста, во каменот, водата и во историјата што сè уште дише. А, Турција, со своите скриени и познати богатства, останува дестинација што секогаш има што ново да покаже – за оние што сакаат да гледаат подлабоко од првиот впечаток.
И токму кога полека се затвораше патувањето во својот круг, дојде и оној најтивок дел – разделбата. Сите си заминавме со лесна доза тага, со чувство дека прерано завршува нешто убаво, иако траело доволно долго за да остане длабоко врежано. Анталија, Испарта, Афион, Денизли, Хиераполис, Памук Кале и Лаодикеја останаа зад нас како живи слики што уште долго ќе се враќаат во сеќавањето.
Во тие последни моменти, нашата Фераје, со својата широка насмевка и речиси секогаш истата, топла енергија, уште еднаш нè собра како група и го изговори она што го слушавме во текот на патувањето по неколку пати на ден: „Hadi gidelim…“ (Ајде да одиме).
И секој пат таа реченица звучеше различно. Понекогаш како повик за следна дестинација, понекогаш како потсетник дека треба да се тргне веднаш, а на крајот – како тивко збогување.
Со погледи што уште еднаш се задржаа на турскиот пејзаж, заврши едно патување што не се мери во километри, туку во впечатоци. И остана јасно дека не се враќаме исти, затоа што Турција, барем еднаш видена вака, не се заборава.
Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА











