„На местото на настанот“ e прва книга на Александар Видиновски, во која тој пишува што значи да се биде новинар кога се случува историјата пред твоите очи.
Книгата ги носи читателите зад телевизиските прилози и зад директното вклучување, таму каде што бележи камерата само дел од приказната, а новинарот се соочува со вистинските размери на настаните. Од престрелките во Диво Насеље и драматичната ноќ на воениот удар во Турција до воени зони, несреќи, кризи и предизвици од македонското секојдневие, авторот раскажува за настаните што ги следел од непосредна близина и за луѓето што ги сретнал на терен. Таа е и лична приказна за адреналинот, ризикот, стравот и за професионалната одговорност, но и за созревањето на еден репортер, кој со години се обидувал да стигне што поблиску до вистината. Преку искуствата од терен, тој открива што се случува зад објективот во миговите кога мора новинарот брзо да реагира, да донесува одлуки и да ѝ остане доследен на својата професија.
„На местото на настанот“ е сведоштво од прва рака за времиња и за ситуации во кои новинарот не ја следи историјата од дистанца, туку се наоѓа среде неа.
Александар Видиновски (1981) е новинар, уредник, телевизиски водител и општествен активист со речиси две децении искуство на македонската медиумска сцена.
Книгата ќе биде промовирана на 5 ноември, со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. За книгата, во издание на „Арс Ламина – публикации“, ќе зборува промоторот Борислав Тноковски. Специјални гости на настанот ќе бидат музичарите Дуке Бојаџиев и Зарина.












