Град Скопје денеска беше домаќин на меѓународната  конференција „Скопје – европска престолнина на културата 2028: обликување на иднината на Скопје – култура, урбани политики и одржливи европски градови“, посветена на еден од најзначајните стратешки проекти за нашата држава – титулата на Скопје како европска престолнина на културата 2028 година. Отворајќи го овој свечен настан, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, рече дека кога зборуваме за европска престолнина на културата, не зборуваме само за титула туку и за приказни, за луѓе, за градови што се менуваат и се отвораат, зборуваме за можноста еден град да се види себеси на нов начин и светот да го види него со нови очи, но и можноста да се направи нешто значајно за иднината на градот, да биде отворен град, пожив и поблизок до луѓето со сета различност во него. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, заклучи дека титулата европска престолнина на културата не смее да биде само едногодишна прослава туку и трајна промена во начинот на кој се разбира, управува и живее градот

 Град Скопје денеска беше домаќин на меѓународната конференција  „Скопје – европска престолнина на културата 2028: обликување на иднината на Скопје – култура, урбани политики и одржливи европски градови“, посветена на еден од најзначајните стратешки проекти за нашата држава — титулата на Скопје за европска престолнина на културата 2028 година.

Отворајќи го овој свечен настан, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, рече дека кога зборуваме за европска престолнина на културата, не зборуваме само за титула туку и за приказни, за луѓе, за градови што се менуваат и се отвораат, зборуваме за можноста еден град да се види себеси на нов начин и светот да го види него со нови очи.

– Токму затоа титулата во 2028 не ја гледаме само како културен настан. Ја гледаме и како можност да направиме нешто значајно за иднината на градот – да го направиме отворен град, пожив и поблизок до луѓето со сите различности во него – истакна Љутков.

Истакнувајќи ја главната улога на Град Скопје во овој процес, тој нагласи дека не се прават вакви работи сами, туку со партнерство, доверба и со заедничка работа и оти тоа е процес што треба да остави трага што ќе се чувствува долго време потоа.

Нагласи дека станува збор за оживување простори што имаат душа, како што е скопското Кале, кое, како што истакна, може да стане место каде што историјата не стои затворена, туку живее заедно со луѓето.

Тој кажа дека проектот за идејно решение за ревитализација е готов и дека е изработен од Конзерваторскиот центар – Скопје, кој со забрзана динамика започнува со изработка на основните проекти, по што Град Скопје ќе може да почне со ревитализацијата на скопската тврдина.

– Министерството за култура и туризам е прикрај со проектот за реконструкција и опремување на двата музеи на скопското Кале, и тоа Музејот на праисторијата и Отоманскиот музеј, кои наскоро ќе ги отвори за посетителите – информираше Љутков.

Тој го спомена и скопскиот аквадукт, за кој рече дека добива шанса да биде виден, заштитен и споделен со светот, бидејќи се обезбедени средства за негова конзервација и првпат се обезбедени средства за експропријација на околните парцели. Потоа и Универзална сала, еден од најпрепознатливите симболи на солидарноста и на културниот живот на Скопје, чија реконструкција и повторна изградба започнува и се очекува да биде завршена до 2028 година, со што повторно ќе стане современ центар за концерти, настани и културни собири, достоен на своето историско значење и на потребите на новите генерации. А, Скупи, пак, е можност за нови културни простори, за сцени што ќе им припаѓаат на граѓаните.

– Но можеби најважно, зборуваме за поврзување. Со Европа, со уметниците, со младите, со сите што сакаат да создаваат и да придонесат – потенцираше Љутков.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, додаде дека културата мора да стане двигател на урбаната трансформација и трајна основа за развој на градот.

Во својот говор, тој ја нагласи историската можност што ја носи титулата и повика културата да се разбере како јавна инфраструктура, а не како украс.

– Што значи навистина Скопје да биде европска престолнина на културата? Дали значи тоа само една година исполнета со настани? Или, како што значи за мене, нешто многу подлабоко – можност културата да стане трајна трансформација, јавна трансформација на инфраструктурата на градот, двигател на урбаниот развој, средство за социјална кохезија, извор на нова економија и основа на нов, урбан идентитет – наведе Ѓорѓиевски.

Градоначалникот потсети и на солидарноста по земјотресот во 1963 година, нагласувајќи дека мора да се претвори тоа наследство во современа сила за обнова на јавниот интерес и довербата во институциите.

– Ако во 1963 година солидарноста значеше обнова на разрушениот град, тогаш денес таа мора да значи обнова на јавниот интерес, на довербата во институциите, на културниот живот, на чувството на припадност и на правото на секој граѓанин да учествува во создавањето на својот град – оцени тој.

Ѓорѓиевски ја нагласи и потребата да се поврзе културата со секојдневниот живот на граѓаните.

– Добар град не е само град со настани. Добар град е град во кој човек сака, пред сè, да остане. Град во кој јавните простори се безбедни, зелени, достапни и креативни. Град во кој културата не е луксуз, туку дел од неговото секојдневие – рече тој.

Со визија за Скопје како жив град, градоначалникот заклучи дека титулата европска престолнина на културата не смее да биде само едногодишна прослава туку и трајна промена на начинот на кој се разбира, управува и живее градот.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, истакна дека титулата европска престолнина на културата е една од најсилните европски иницијативи за поврзување на културата, демократијата и урбаниот развој.

– Европската престолнина на културата покажува дека културата не е само забава туку и катализатор за обновување на градовите и зајакнување на европската демократија – рече Рокас.

Тој потсети дека оваа иницијатива постои од 1985 година и носи значајни економски и социјални придобивки.

– Истражувањата покажуваат дека во градовите со силна културна сцена се намалуваат омразата, популизмот и дезинформациите – нагласи тој, додавајќи дека културата гради мостови врз вредностите на мирот, слободата и демократијата.

Рокас оцени дека Скопје има уште многу работа пред себе, но изрази поддршка за досегашниот напредок.

– Ова е моментот кога треба да ги здружиме силите, бидејќи Европската Унија е со вас на ова патување – со своето срце и со поддршка – порача Рокас.

Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, ја истакна долгогодишната поврзаност на Обединетите нации со развојот на Скопје, од обновата по земјотресот до денешните програми за одржлив урбан развој.

– Скопје не е само град туку и приказна за солидарноста и отпорноста – рече Григоријан.

Тој најави конкретни проекти што ќе ги поддржи УНДП во пресрет на 2028 година.

– Заедно со Градот Скопје, ќе работиме на трансформацијата на коридорот на реката Вардар во зелен, активен урбан простор и на отворањето на клучните културни знаменитости – посочи тој.

Григоријан потенцира дека европската престолнина на културата е можност за долгорочна визија.

– Овој момент нуди можност да се обликува иднина што е креативна, инклузивна и одржлива, вкоренета во европските вредности – заклучи тој.

Настанот продолжи со панели посветени на урбаните политики водени од културата, улогата на младите, механизмите за имплементација и примената на културата како двигател на урбаната иновација во процесот Скопје – европска престолнина на културата 2028.

Настанот ги обедини водечките институции, градоначалниците, европските партнери, експертите, универзитетите и меѓународните организации со цел да се отвори стратешки дијалог за урбаните политики, културниот развој и одржливите европски практики.

(А. П.) Фото: (П. С.)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ