Истражувањето што го спроведе Друштвото за управување со амбалажен отпад „Пакомак“ во март годинава покажало и дека од сите видови амбалажен отпад, Македонците најчесто селектираат пластика. Дури 70,8 % од испитаниците што селектираат одговориле дека редовно селектираат пластични шишиња, а 46,6 % од нив одговориле дека селектираат секаков вид пластичен амбалажен отпад. Втор најмногу селектиран амбалажен отпад е стаклото, дури 45,7 % од оние што селектираат одговориле дека го селектираат. Речиси една третина од испитаниците одговориле дека селектираат хартија, поточно 30,7 % од луѓето што одговориле дека селектираат амбалажен отпад

 

Сè повеќе граѓани стануваат свесни за важноста на селектирањето на отпадот и сè поголем е бројот на луѓе што активно го фрлаат отпадот во контејнерите и во повратните вендинг машини. Но, сепак, и понатаму постои голем простор за подигање на свеста кај граѓаните, особено во поглед на селектирањето отпад како секојдневна навика. Ова го покажа истражувањето што го спроведе Друштвото за управување со амбалажен отпад „Пакомак“ во март годинава.

Истражувањето покажало и дека од сите видови амбалажен отпад, Македонците најчесто селектираат пластика. Дури 70,8 % од испитаниците што селектираат одговориле дека редовно селектираат пластични шишиња, а 46,6 % од нив одговориле дека селектираат секаков вид пластичен амбалажен отпад. Втор најмногу селектиран амбалажен отпад е стаклото, дури 45,7 % од оние што селектираат одговориле дека го селектираат. Речиси една третина од испитаниците одговориле дека селектираат хартија, поточно 30,7 % од луѓето што одговориле дека селектираат амбалажен отпад.

Според „Пакомак“, може да се претпостави дека охрабрувачките податоци во однос на селектирањето пластика и особено пластични шишиња се должат на зајакнувањето на отпадната инфраструктура.

– Во изминатите две години беа поставени повеќе контејнери за фрлање пластика, но беше зголемен и бројот на повратни вендинг машини, кои ги поставува „Пакомак“ заедно со швајцарската Амбасада. Тие имаат механизам на повратна вредност за граѓаните и за секое одложено парче пластика, даваат по 1 или повеќе „зелени поени“, кои потоа граѓаните можат да ги користат за плаќање комуналии, попусти на сметки и донации – нагласуваат од „Пакомак“.

Воедно, истражувањето покажало дека речиси и да не се разликуваат податоците во однос на полот и на возраста кога се еколошките навики во прашање. Притоа, над половина од жените испитанички одговориле дека селектираат отпад во некој обем, додека кај мажите овој број е нешто помал од 50 %.

Меѓутоа, има значителна разлика во еколошките навики кај луѓето со различен степен на образование.

– И ова истражување покажа дека луѓето со повисоко образование селектираат повеќе и поредовно – дури 26 % од испитаниците со магистратура/докторат одговориле дека секогаш го селектираат отпадот, додека кај испитаниците што завршиле само основно образование овој број е само 10 % – соопштија од „Пакомак“.

Оттаму додаваат дека постои евидентна разлика во нивото на еколошките навики и кај граѓаните на различни општини.

– Оваа година, податоците покажуваа дека Прилеп има најеколошки свесни граѓани, бидејќи дури 49 % од испитаниците одговориле дека секогаш го селектираат амбалажниот отпад. За илустрација, само 8 % од испитаниците од оваа општина одговориле дека никогаш не го рециклираат отпадот. Спротивно на нив, загрижувачки ниска свест за селектирање на отпадот има во општините Куманово, Штип и Струмица, каде што само 2 % од испитаниците одговориле дека секогаш го селектираат отпадот. Најголема незаинтересираност за селектирање има во Општина Тетово, каде што огромни 59 % од испитаниците рекле дека никогаш не селектираат отпад – информираат од „Пакомак“.

Споредено со резултатите од претходните истражувања, од „Пакомак“ забележуваат дека постепено расте свеста за селектирањето отпад, а граѓаните стануваат поактивни во однос на постапувањето и фрлањето на отпадот.

Од „Пакомак“ сметаат дека значаен придонес за зголемувањето на интересот дава активната и афирмативна комуникација за важноста на селектирањето, но и постојаното инвестирање на компанијата во насока на подобрување на отпадната инфраструктура, поставување повеќе контејнери на повеќе места, како и имплементирањето на системот на „зелени поени“ преку повратните вендинг машини и „Екомак“, кој им нуди на екосвесните граѓани дополнителна вредност како замена за нивната активност.

Истражувањето се спроведува секоја втора година, а овој пат дел од него биле 1.200 испитаници од различни старосни групи и различни градови од земјата. Во истражувањето биле вклучени жители од Скопје, Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Струмица, Штип и од Куманово. Прашалникот е проширен во однос на претходните години и опфаќа низа прашања поврзани со видот отпад што се селектира, редовноста, секојдневните навики, начинот на селектирање и одложување на отпадот и слично.

ИЗДВОЕНИ