Семејство бездомници во кое има и мали деца си најде прибежиште под мостот „Беласица“. Луѓето што секојдневно поминуваат на пешачката патека покрај реката Вардар од страната на Општина Аеродром, забележуваат дека веќе неколку недели живее ова семејство во просторијата за компензација на топловодот под мостот и дека го заградило просторот со дрвени стапови и со бели чаршафи.
Некои минувачи посочуваат дека повремено забележуваат дека има запалено оган, кој бездомниците, најверојатно, го прават да затоплат нешто или, пак, да се згреат, затоа што деновиве, во текот на ноќта и во утринските часови е прилично студено.

Скопјани се сеќаваат на проблемите што ги имаа возачите додека беше затворен мостот „Беласица“ кога се утврдуваше неговата безбедност поради оштетувањата што ги претрпи во големиот пожар од 11 мај 2023 година, но на спротивната страна од мостот (од страната на ТЦ „Ист гејт“). Според истрагата на МВР, пожарот бил намерно предизвикан од лице што престојувало во т.н. просторија за компензација на топловодот под мостот. Огнот потоа се прошири на термичката изолација и на топловодните цевки, предизвикувајќи оштетувања на делови од мостот. За случајот во мај 2024 година беше поднесена кривична пријава против осомничениот.
Граѓаните се загрижени и прашуваат зошто не реагираат градските власти навреме за евентуално да не дојде до повторување на некој сличен пожар со далекосежни последици. Од Град Скопје изјавија за весникот ВЕЧЕР дека со внимание ги разгледуваат укажувањата за состојбата кај мостот „Беласица“, особено поради посоченото присуство на мали деца и опасноста од палење оган во непосредна близина на мостот и на топловодната инфраструктура. Сметаат дека безбедноста на граѓаните, заштитата на децата и зачувувањето на јавната инфраструктура бараат навремено и координирано постапување на надлежните институции.
– Град Скопје нема да дозволи узурпација на јавниот простор и загрозување на безбедноста на граѓаните и на јавната инфраструктура. Притоа, секое постапување мора да биде во согласност со законските надлежности и проследено со соодветна социјална заштита, особено кога се засегнати децата. Градот нема директни надлежности за згрижување на бездомните лица. Овие постапки се спроведуваат преку надлежните институции за социјална заштита, во координација со ресорното министерство – изјавија од Град Скопје на укажувањето на весникот ВЕЧЕР.
Оттаму наглaсија дека во рамките на своите надлежности, Град Скопје обезбедува финансиска поддршка за Црвениот крст и за функционирањето на пунктот за бездомници, како и преку јавниот повик за поддршка на здруженијата.
– За пунктот е склучен договор со кој се поддржува секојдневното обезбедување услуги за бездомните лица. За конкретните мерки за згрижување на лицата на посочената локација и за постапувањето на надлежните социјални служби, ве упатуваме до ресорното министерство. Град Скопје останува подготвен, во рамките на своите надлежности, да соработува и да даде поддршка за безбедно и хумано решавање на состојбата – посочија од Град Скопје.
Задача на медиумите е да ја пренесат загриженоста на граѓаните до надлежните институции, а тие, пак, треба да се координираат и да најдат решение за отстранување на потенцијалната опасност.












