среда, септември 9, 2026
Дома СКОПСКА Мирисот на свеќите шири љубов која денес најмногу му треба на светот

Мирисот на свеќите шири љубов која денес најмногу му треба на светот

1

Во тесните улички на Старата скопска чаршија, на улицата „Покриена чаршија“, ќе ве пресретне еден од оние необични мириси што некогаш беа препознатливост во Чаршијата. Тоа е мирисот на свеќите, а станува збор за единствениот дуќан за свеќи во Старата чаршија. Како во некоја куќaрка од бајките, дуќанот е со необично име – „Нада“, а внатре ве пречекува неговиот сопственик, свеќарот Златко Таневски. На излогот се наредени свеќи во разновидни форми и големини. Тркалезни свеќи или свеќи кандила. Славски свеќи, во чиј парафин се додава и восок. Роденденски, свадбарски, свеќи за крштавка. Декоративните свеќи се особено естетски обликувани и украсени. Свеќата со децении била тивок придружник на животот на скопјани: се палела за здравје, за молитва, на празник, во радост, но и во спомен на оние што повеќе не се меѓу нас

Во тесните улички на Старата скопска чаршија, на улицата „Покриена чаршија“, ќе ве пресретне еден од оние необични мириси што некогаш беа препознатливост во Чаршијата. Тоа е мирисот на свеќите, а станува збор за единствениот дуќан за свеќи во Старата чаршија.

Како во некоја куќaрка од бајките, дуќанот е со необично име – „Нада“, а внатре ве пречекува неговиот сопственик, свеќарот Златко Таневски. На излогот се наредени свеќи во разновидни форми и големини. Тркалезни свеќи или свеќи кандила. Славски свеќи, во чиј парафин се додава и восок. Роденденски, свадбарски, свеќи за крштавка. Декоративните свеќи се особено естетски обликувани и украсени.

Препознатливиот мирис на темјан и на смирна го исполнува просторот во дуќанот. Но, зад нив се крие нешто многу повеќе. Свеќата со децении била тивок придружник на животот на скопјани: се палела за здравје, за молитва, на празник, во радост, но и во спомен на оние што повеќе не се меѓу нас.

Во дуќанот, кој постои денес, доаѓаат голем број муштерии. Бараат свеќи, а некои муштерии носат мала метална кошница и бараат специјално да биде украсена за на свадба. Се разбира, за да се зачува добрата стара традиција, свеќите треба да бидат осветени од свештено лице.

-Во духот на нашата долга и богата религиозна традиција, палењето свеќа е своевидна симболика на надеж, посакување среќа и здравје. Оттаму и името „Нада“. Свеќите се палат за покој на душа и за помен, во рачно изработените лимени кутии, кои се наоѓаат на влезот од дуќанот. Без разлика на намената, свеќите шират љубов, која денес најмногу му треба на светот – вели мајстор Златко.

Синот на познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски, Огнен Коцевски, инаку професор по филозофија и магистер по менаџмент на човечки ресурси, истражувајќи ја историјата на свеќарскиот дуќан „Нада“, дошол до сознанија дека тој постои од 1945 година.

– Оттогаш, низ повеќе генерации, дуќанот опстојува во срцето на Чаршијата, менувајќи се заедно со градот, но задржувајќи ја својата основна намена. Денес го води Таневски, продолжувајќи ја семејната традиција и чувајќи еден занает нераскинливо поврзан со верата, семејството и со обичаите. Еден од најстарите дуќани за свеќи во Чаршијата постоеше сè до 2020 година и него го држеше сега веќе починатиот мајстор Љубе Петрушевски, а на тоа место денес постои златарница – вели Коцевски.

Според него, ваквите дуќани подразбираат и посебна работилница за производство на свеќи.

– Меѓу првите, таков дуќан во Скопје отворил Митре Петрушевски, дедото на мајстор Љубе, во дваесеттите години од минатиот век. Занаетот го наследил неговиот син, Јордан, а потоа и внукот Љубе. Малиот, но симпатичен дуќан, покрај многубројните и разновидни свеќи, го краселе и оригиналните дипломи на дедото, синот и на внукот. На сите дипломи пишувало дека тие се мајстори на свеќарскиот занает. Првата диплома била од 1924 година (иако дедото почнал со занаетот многу порано), втората е на неговиот син, од 1946 година, а онаа на најмладиот мајстор од семејството е од 1978 година – раскажува Коцевски.

Тој додава дека првиот дуќан за свеќи на мајстор Митре се наоѓал на влезот во Безистенот. Со проширувањето на влезот, мајсторот во 1954 година се преселил во дуќанот што се наоѓал во негова близина, каде што е денеска златарницата „Елмаз“. Во него работел сè до својата смрт во 1963 година. Потоа го наследиле синот и внукот.

– Порано, во Чаршијата имаше околу 15 свеќарски дуќани, сега сме малку. Ние имавме работилница за свеќи во Ново Маало, во близина на денешниот Олимписки базен. Порано имаше многу ред и почитување во работата. Во 1978 година, кога почина татко ми Јордан, ќе дојдовме јас и брат ми во дуќан, ќе заметевме и ќе зачистевме за сè да биде во најдобар ред. Потоа ќе ја донесевме и ќе ја средевме стоката – раскажува мајстор Љубе.

Денес, вистинските мајстори се многу ретки во Чаршијата. Овој занает има многу специфичности за кои раскажуваат мајсторите. Свеќите се прават од восок или од парафин. Восокот може да биде природен и синтетички. Синтетичкиот, со одредени додатоци (брејштук), станува поеластичен. Парафинот се добива со дестилација на суровата нафта и тој е еден вид нуспроизвод, како што се разните масла и бензинот. Парафинот е отпорен на сè, на вода, на сол, ништо не може да му наштети.

– Порано се знаеше од каде се купува најдобриот парафин – во „Нафтагас“, во „Ина“ од Риека и „Модрича“ од Босна. Природната боја на парафинот е бела, а употребата на белите свеќи е карактеристична за католицизмот. Православната вера употребува жолти свеќи, при што парафинот се бои во жолто, со разни додатоци. Како, всушност, се изработуваат свеќите? Најпрвин се изработувале рачно, а потоа и машински. Течниот парафин се става во специјален сад, а потоа се натопува конецот (процес наречен тунковање) во течната смеса и се извлекува од неа. Таквите конусни свеќи се ставаат на посебна штица, а подоцна се сечат според саканата должина. Се потсекуваат свеќите на врвот за да излезе конецот или за таа цел, се затоплуваат на решо, при што им се топат само врвовите – наведува Коцевски.

Тој нагласува дека револуција во занаетот своевремено извршил познатиот мајстор Панче Цуцул, дреар од Маџир Маало.

– Направил специјална машина со чија помош бил поедноставен сиот процес на производство на свеќи. Тоа се само дел од тајните на занаетот. Бидејќи се работи со восок и со парафин, процесот на обработка и производство во голема мера зависи од надворешните температури и тој се приспособува на спецификите на летните или на зимските периоди. Свеќите се продаваат на парче, но и на килограм – истакна Коцевски.

Се разделуваме со мајсторот и со свеќарскиот дуќан – последниот и единствен од ваков вид во Скопје. Долго ќе продолжи да ве следи мирисот по заминувањето од дуќанот. Тоа е мирисот на сите вери и традиции – мирисот на љубовта.

Мајсторите што имаат долга занаетчиска традиција во Чаршијата, како што се Љубе и Златко, последните свеќари, сметаат дека во неа денес треба да има занаети од најразлични видови, што ќе одговорат на потребите на граѓаните, а не да има само еден чевлар или воопшто да нема каде да смените патент или да ви направат каиш по ваша мера.

– Чаршијата треба да врие од услужни дејности. Само така луѓето уште помасовно ќе доаѓаат во неа – сметаат тие.

 (А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ