Кога ќе се најдете во злобниот круг на повторените и негативни состојби, не обидувајте се да дознаете што се крие во следната фаза. Едноставно напуштете го кругот најбрзо што можете. Инаку, вителот ќе ве повлече во длабочините од кои нема враќање.
Констелацијата на настаните не ѝ оди во прилог на Македонија. Вакуумот што ни е наметнат во евроинтегративниот процес има негативни индикатори, времето, односно вирот работи против нас. По продажбата на вековното име за влез во НАТО, што не територијална гаранција, ни се постави нов услов, менување на Уставот за да си ги приближиме идентитетските корени кон источниот сосед, Бугарија. Таму, конечно, се избра композитна Влада, од која треба да се бара милост во менувањето на европската преговарачка рамка за отворање на поглавјата со Унијата. Апсурд и контрадикција во исто време,зашто во политиката нема милост или пријателства, постојат само интереси. На Советот за безбедност на Бугарија со кој претседаваше тогашниот претседател Радев, во пресрет на отворањето на бугарскиот клуб во Битола, случајно или не останаа отворени микрофоните на државниот медиум на почетокот од седницата. Радев, обраќајќи се за македонското прашање, им посочи на членовите на Советот за безбедност на Бугарија, цитирам:„ И за сите појаснувања во врска со Македонија, обратете се кај (тогашната) потпретседателка Јотова“. Значи, надлежна за македонското прашање во бугарскиот политички врв беше тогаш Илијана Јотова, сегашната бугарската претседателка. Затоа и беше во Битола, за да го провери извршувањето на претходно поставената задача. Но, што ми е зборот? Ако Јотова е претседателка и ако сега Румен Радев е премиер, колку силна би била разумноста на дијалогот кога хиерархиската поставеност на официјална Софија е заокружена на највисокото ниво претседател – премиер? Ако и некогаш се наѕираше некојси мал призрак на дијалог, особено во времето на премиерот Кирил Петков, приказната за нас е завршена. Да потсетиме дека и Петков беше со Јотова на отворањето на таканаречениот бугарски клуб во Битола.
Генерално, не постои личност во врвот на бугарската политика што ќе се откаже од постулатите на Санстефанскиот договор од 1878 година. Во тој договор, каде што Софија допира територијално до Охрид, е зацртана политиката на царска Русија со Софија како епицентар на спроведувањето на руските интереси на Балканот, остварување на противтежата на интересите на Австро-Унгарија на Фрањо Јосиф. Стратегијата на царска Русија за Балканот и за Македонија е создадена во 1860 година, пишува Наташа Котлар, нашата еминентна историчарка. Би додал, интересите се исти, само пакувањето е различно. Сепак, многу ме чуди однесувањето на европски Брисел, кој потпаѓа под влијанието на преговарачката рамка создадена во Париз, иако таа е суштински спротивставена на интересите на Европската Унија, која се залага за отстранување на руското влијание во Европа. Значи, некој некому му понудил нешто што тешко може да се одбие. Се плашам само да не е залогот Македонија. Имено, во еден неврзан ресторански муабет во доцните 90-ти, аташето за култура на односната земја ми нафрли онака небрежно дека цар Самуил бил бугарски цар. Влеговме во дискусија, но сега, од оваа временска дистанца, мислам дека човекот со кого добро се познавав, сакаше да ми најави што ќе следува по неправедното решение на спорот со Грција. Втора фаза на злобниот круг за Македонија.
Но, да не анализирам премногу, и онака има аналитичари на секое ќоше. Научен од контактите со меѓународниот фактор, независно на кои географски координати им припаѓа, важно е да се понуди стратегиско, долгорочно решение. Битките на дипломатски или на воен план се водат единствено за територија, целта е да се освои дали со договор (Охридски, Преспански, Бугарски) одредена дистанца од точката А до точката Б, изразена во квадратни километри. Да не се залажуваме, не постои војна за етнички права или за заштита на јазик или, пак, за остварување економски или политички цели. Првенствено постои војна за освојување територија. Создавањето институции, население, јазик за потоа да се прогласи некаква автономија се цели што одат паралелно или дополнително со првенствената. Но, секоја дипломатска или вооружена војна се води за копно, море и воздух.
Зошто го велам ова? Македонија, со тековната депопулација, се претвора во бришан простор. Младите си заминуваат, генерациите без наследници не наоѓаат иднина во земјата што има таква административно-бирократска гломазност, па човек попрвин ќе се откаже отколку да бара решение во тие лавиринти. Единствено Скопје функционира како конгломерација со огромна концентрација на население и на капитал. Но, Скопје не е Македонија. Затоа властите треба да преземат спротивен процес на концентрацијата, деконцентрација. За таа цел, мора да се одберат и приоритетни маркери за реализација на стратегијата. На пример, ако е зафатено со незапаметен прилив на постојани или на привремени жители, тогаш Скопје мора да се деконцентрира. Ако Скопје е главен град на земјата и поради тоа е магнет за брановите луѓе и капитал, тогаш да го смениме главниот град на земјава. Зошто не би била Битола, на која историски ѝ припаѓала македонската престолнина, главен град на Македонија? За да не се одземе од значењето на Скопје, градот може и натаму да биде административен и бизнис-центар. И другите плански региони треба да се развиваат. Југозападниот ќе има културно-туристичка намена. Западниот би бил поврзан со туризмот, но и со земјоделството и сточарството. За Скопскиот веќе рековме, Кумановскиот може да се заснова на градежништвото, земјоделството, образованието, спортот, исто како и Источниот, околу Штип, и Југоисточниот со земјоделство и сточарство, пред сè, иако и туризмот, како во другите региони, би бил нишката на поврзаност. За тоа е неопходна и сообраќајна инфраструктура, железницата, на која полагаат властите, е добра основа за постигнување дисперзија на населението и имотот низ Македонија. За ова, накусо, неопходни се и пруги меѓу Радовиш и Струмица, меѓу Кочани и Делчево и Пехчево, зошто и не од Битола или од Кичево до Охрид? Европа се развила во економски џин по развојот на железницата на кратки и на средни патеки на Стариот Континент.
Целта на колумната не е оддалечување од европската агенда, на која, за жал, по толку фалирања за Македонија, може сè помалку да ѝ се верува. Но, не ни е, исто така, и цел да ја доживееме судбината на Турција и да се најдеме во фоајето на ЕУ и постојано да се надеваме. Генерации очекуваа да се најдеме во ексклузивниот клуб и на крајот ништо од тоа, затоа и си заминаа разочарани од европската политика кон земјата. Ветување на лудиот радување, вели поговорката. Можеби, стратегиското партнерство со САД е најблиската опција, конечно, Америка е една, а ЕУ збир од 27 држави, крајот не можеш да им го најдеш. Конечно, целта на колумната е да се свртиме кон самите себе, знаеме дека Европа ни е стратегиска цел, но додека навистина не се решат да ги отворат портите, кои се сè повеќе затворени поради новиот Шенген-систем на границите и очекуваниот бран бегалци, да си го пренесеме во реалноста владеењето на целата територија на државата, преку деконцентрација на населението и на институциите од Скопје кон внатрешноста на Македонија. Има ли подобра и поиздржана реформска визија за Македонија?
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












