Гламурозно збогување на големата поранешна југословенска музичка дива! Најубавите спомени ја врзуваат Тереза и за Македонија – од многубројните концерти во легендарната скопска Универзална сала до честите настапи во речиси сите наши градови.  Не е заборавен ниту нејзиниот настап на „Скопскиот фестивал“, со хитот „Охрид и јас“. Тука е и феноменалната соработка со браќата Тавитјан, додека во архивата на Македонската телевизија постои одлично ТВ-шоу што го сними Тереза со легендарниот македонски режисер, Тихомир Бачовски

 Музичката дива, 88-годишната Тереза Кесовија, која веќе 60 години важи за голема естрадна ѕвезда од Вардар до Триглав и пошироко во Франција и Кнежеството Монако (како нивна претставничка на Песна на Евровизија), со завчерашниот гала-концерт на малиот Стадион на „Хајдук“ во Сплит, пред околу 15 илјади луѓе, се прости од својата богата музичка кариера. Бурните реакции од медиумите и публиката не престануваат! Тереза остави траен белег во музичката историја (од далечната 1961 година), во целата бивша Југославија , а тоа важи и за Македонија, за која ја врзуваат најубавите спомени – од многубројните концерти во легендарната скопска Универзална сала до честите настапи во Охрид, Штип, Гостивар, Гевгелија, Битола, Струга, Струмица, Куманово, Тетово, Велес, Кичево, Прилеп….. Не е заборавен ниту нејзиниот настап на „Скопскиот фестивал“, со хитот „Охрид и јас“, напишан од маестро Александар Џамбазов. Тука е и феноменалната соработка со браќата Тавитјан, кога Тереза, во забавен аранжман, на стадионот во Скопје, во живо, пред 30-ина илјади луѓе, ја испеа македонската народна песна „Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо“, на Денот на македонската независност. Исто така, во архивата на Македонската телевизија постои повеќечасовно музичко ТВ-шоу што го сними Тереза во летото 1983 година, со легендарниот македонски режисер, Тихомир Бачовски. Исто така, (во 2003 година), во Македонија, во Скопје, го добио планетарното Хуманитарно признание “Мајка Тереза“, заедно со славната Есма Реџепова.Прошталниот величествен концерт во Сплит беше само уште еден доказ дека на овие географски простори, оваа вонсериска пејачка на забавни мелодии испеа песни што во меѓувреме станаа евергрини за сите генерации, како, на пример: „Пријатељи стари, гдје сте“, „Ноно мој, добри ноно“, „Моја посљедња и прва љубави“, „Сунчане фонтане“, „Сањам море што с небом се спаја“, „О мој цвите“, „Што је остало од љубави“,  „Музика и ти“, “Југославијо, волим те“, “Гледам моје Конавле“, “Ко ме је мајко будио“, „Кад порастеш, сине“, „Свирај ми, свирај“, “Све за један трен“, “Немој да од другог сазнам“, „Ларина пјесма“, “Чему то“, “Очи душе“, “Ни ме стра“, „Мили мој“, „Старе љубави“, “Арлекино“, „Ко ми је крив“, “Слободна сам“, „Говори тише“, “Остави ме ту“, “Пољуби ме“,  “Путујем и пјевам“, „Ја јубин те заувик“, “На Страдуну“, “Излази сунце“, „Променаде“, „Сви путују на југ“, „Дивља страст“, “Води ме мору“, “Коколо“, “Љубав је најљепши поклон твој“, “Сутра је нови дан“, „Молим те остани“… Не е тајна, а и самата Тереза тоа го истакнува дека беше голема музичка миленичка на Југословенскиот Председател Тито. Оваа естрадна дива навистина останува да постои засекогаш со песните, со својот милозвучен медитерански глас, со харизматичната појава, со начинот на зборување, со темпераментната комуникација, со смислата за хумор, а во приватниот живот и со добрината и со човечноста.На овој проштален концерт во Сплит, во градот во кој победи повеќе од десетина пати на познатиот и најдобар музички фестивал над фестивалите, таа пееше, иако со нарушено здравје, сложно со целата публиката. Концертот се претвори во океан од емоции, кои не може да се опишат со зборови. Така, сосема спонтано, на најдобар можен начин се збогуваше со Сплит, со кариерата, со градот за кој ја врзуваат безброј спомени и незаборавни песни, без разлика на тоа што најмногу, онака само за себе, си го сака својот роден град, Дубровник. На самиот крај, публиката ја испрати со скандирањето „Тере, Тере, Тереееее“, а таа ѝ се одолжи со веселата песна „Нима Сплита до Сплита… то је зна и сам Диоклецијан….“, која стана химна на „Сплитскиот фестивал“ во нејзината огнена интерпретација.  Најемотивниот момент се случи кога Алан, нејзиниот син и нејзино сонце, како што вели таа за него, од првите редови во публиката ја поздрави мајка си со долго ракоплескање. Така заврши овој спектакуларен концерт, со голем огномет на дивата на која и нашата Македонија со причина длабоко ѝ се поклонува.

Дуле МИЌИЌ / фото: архива-ФБ-Инстаграм-Јутјуб

 

 

ИЗДВОЕНИ