Ученик уби двајца вработени во училиштето и рани уште двајца, вклучувајќи и 11-годишно девојче, во најновиот серија пукања што го потресе Бразил, јавува АФП. Повредената девојка била застрелана во ногата.
Тринаесетгодишно момче е уапсено за нападот во училиштето „Сао Хозе“ во Рио Бранко, главниот град на сојузната држава Акра, соопштија локалните власти. Полицискиот службеник Фелипе Русо појасни дека момчето влегло во зградата и испукало неколку куршуми во ходникот кон канцеларијата на директорот. По нападот, тој самиот се предал на полицијата.
„Полицијата идентификувала други ученици кои можеби соработувале со напаѓачот“, додаде Русо во изјавата за новинарите.
Сведоци на настанот ја опишуваат паниката меѓу учениците кои се обидувале да се спасат бегајќи преку високи ѕидови. Едуардо Родригес Кавалканте, вработен во соседниот хотел, вели дека сцените биле застрашувачки.
„Ѕидот е висок шест метри и само едно лице успеало да се искачи на него и да се засолни тука во хотелот. Другите останале на покривот на училиштето обидувајќи се да избегаат“, рече 19-годишниот рецепционер, додавајќи дека слушнал „истрели и многу врескање“.
Државната влада изрази најдлабоко сочувство до семејствата и образовниот персонал, најавувајќи тридневен прекин на наставата во сите училишта. Мобилизирани се и тимови за психолошка поддршка за настраданите во овој крвав инцидент.












