Големи тензии избија денеска во Портадаун, Северна Ирска, каде што околу 2.000 демонстранти го блокираа патот на членовите на протестантскиот Ред на Портокаловите (Orange Order), на кои по речиси 30 години им беше дозволено да маршираат низ претежно католичкиот дел од градот.
Спорот повторно отвори една од најчувствителните рани од времето на северноирските конфликти. Во центарот на вниманието е улицата „Гарваги“, преку која Редот, немаше право да минува од 1998 година.
Апелациониот суд во Белфаст во последен момент ја укина привремената забрана за парадата, со што ја остави на сила одлуката на Комисијата за паради дека 35 членови на Редот можат да поминат по таа рута.
Меѓутоа, уште во текот на ноќта и раните утрински часови, на улицата излегоа илјадници противници на маршот. Демонстрантите ги поврзаа рацете и го блокираа минувањето, додека полицијата предупредуваше дека учеството во непријавен протест може да доведе до апсење и кривично гонење.
Според извештаите од местото на настанот, имало и испалување огномет, а полицијата распореди поголем број припадници и возила за да спречи судири.
Британскиот премиер повика на смиреност
Британскиот премиер Енди Бернам ги повика сите страни да останат мирни и предупреди дека не смее да има враќање на поделбите и насилството од минатото.
„Знам дека ситуацијата е напната и апелираме за смиреност од сите страни. Во Северна Ирска е постигнат голем напредок и не сакаме работите да одат назад“, рече Бернам.
Тој исто така изјави дека за ситуацијата разговарал и со ирскиот премиер Мајкл Мартин.
Во блокадата на улицата „Гарваги“ учествуваа и високи претставници на ирските националисти, меѓу кои и првата министерка на Северна Ирска, Мишел О’Нил, и лидерката на Шин Фејн, Мери Лу Мекдоналд.
Мекдоналд ја нарече неприфатлива одлуката за дозволување на маршот и порача дека локалната заедница нема да дозволи враќање во времето на конфликтите.
Од друга страна, лидерот на Демократската унионистичка партија, Гевин Робинсон, порача дека судските и институционалните одлуки мора да се почитуваат и го обвини Шин Фејн за кревање на тензиите.
Маршот доцнеше поради блокадата
Според одлуката на Комисијата, парадата требаше да започне во осум часот и да заврши до 9:30 часот, со строги ограничувања – најмногу 35 учесници, без придружни бендови и поголеми групи поддржувачи.
Сепак, до предвидениот крај маршот не започна бидејќи демонстрантите ја блокираа трасата. Полицијата ги извести членовите на Редот дека во тој момент не можат да тргнат по улицата „Гарваги“ поради големиот број луѓе собрани на улицата.
Од Редот на Портокаловите тврдат дека нивните паради се дел од протестантската културна традиција, додека ирските националисти сметаат дека минувањето низ католичките населби претставува провокација и симбол на некогашната доминација на унионистите.
Улица која беше симбол на конфликтот
Спорот околу парадата во Портадаун во текот на деведесеттите години беше едно од најпознатите жаришта на судири меѓу претежно католичките ирски националисти и протестантските унионисти кои сакаат Северна Ирска да остане во составот на Обединетото Кралство.
Рутата беше забранета во 1998 година, истата година кога со Договорот од Велики петок во најголема мера заврши повеќедеценискиот период на насилство познат како „Неволјите“ (The Troubles).
За време на тој конфликт загинаа повеќе од 3.500 луѓе, додека споровите околу парадите и идентитетот со години останаа меѓу најчувствителните прашања во северноирското општество.
Поради тоа, денешната блокада во Портадаун повторно го буди стравот од посериозни инциденти, додека и британските и ирските власти повикуваат на смиреност и почитување на мировниот процес.











