недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Пет лица се уапсени под сомнение дека планирале терористички напад врз воздухопловна...

Пет лица се уапсени под сомнение дека планирале терористички напад врз воздухопловна база

0

Британската полиција уапси пет мажи поради сомневање дека подготвувале терористички напад во близина на воздухопловната база „РАФ Ферфорд“ (RAF Fairford), која ја користат американските сили. Истрагата за инцидентот ја презеде полицијата за борба против тероризмот.

Осомничените првично беа уапсени поради сомневање дека сториле кривични дела предвидени со Законот за експлозиви.

На прес-конференција, помошникот-началник на полицијата, Ричард Оконе, изјави дека полицијата денеска околу 00:45 часот по полноќ добила повик во врска со три сомнителни возила кои се движеле кон воздухопловната база „РАФ Ферфорд“.

Вооружени полициски службеници интервенирале и ги уапсиле мажите под сомневање за прекршоци поврзани со Законот за експлозиви. Тие сега се дополнително осомничени и за подготовка на терористички напад, а во моментов се наоѓаат во притвор додека ги испрашуваат детективите.

„Околу возилата беше поставен безбедносен кордон во пречник од 400 метри, додека ги прегледуваше воена единица за отстранување експлозивни средства“, соопштија од полицијата.

Оконе посочи дека станува збор за „сериозен инцидент“.

Овој инцидент во близина на воздухопловната база, во која се стационирани американски бомбардери кои изведуваа напади врз Иран, би можел да биде најголемиот безбедносен тест за новиот британски премиер Енди Бернам досега, пренесува „Скај њуз“.

Полицијата за борба против тероризмот ја води истрагата за инцидентот, а засега никој сè уште ја нема преземено одговорноста за евентуалниот наводен заговор.

Инцидентот што се случи толку блиску до базата поттикна шпекулации дека ова би можело да биде операција зад која стои државата Иран, а не заговор на некоја исламистичка терористичка група или чин на политички активизам.

Базата Ферфорд го има единствениот аеродром во Европа што американската војска го користи за тешки стратешки бомбардери, како што се B-52 и B-1B Lancer.

Техеран јавно се закани со напад врз воените бази во Велика Британија откако британската влада им дозволи на американските воени авиони да користат локации како Ферфорд како полазна точка за операции во Иран.

Доколку се потврди дека Иран на кој било начин е умешан во обидот за напад врз американската воздухопловна база во Велика Британија, тоа би барало сериозен одговор од британската и американската влада, наведува „Скај њуз“.

ИЗДВОЕНИ