Во срцето на Брисел, во престижната сала „Бозар“, македонската култура синоќа, зборуваше со својот најсилен јазик – уметноста. Во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија, публиката имаше можност да почувствува дел од нашето духовно богатство, преточено во звук, движење и слика. Националниот џез оркестар настапи со својата програма „Македонски сновиденија“, уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна која со гордост беше претставена во Брисел претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст и тоа под диригентската палка на маестро Владимир Николов.

-Оваа значајна културна платформа претставува мост меѓу Македонија и Европа – простор каде што традицијата и современото творештво се среќаваат и се надополнуваат. Од балетската изведба на „Лебедово езеро“ во Антверпен, преку филмската проекција на „Исцелител“ во Брисел, па сè до претстојната изложба на теракотни икони од Виница во Европскиот парламент – македонската уметност се претставува во своето најрепрезентативно издание. Синоќа, музиката го презема централното место. Оркестарот за џез-музика носи уникатен спој на македонската традиција и современиот израз – звук што истовремено е длабоко вкоренет и слободно насочен кон иднината. Секој тон е сведоштво за жива култура, секоја импровизација е потврда за креативна сила што трае, кажа министерот за култура и туризам Зоран Љутков пред синоќешниот концерт пред синоќешниот концерт на Националниот џез оркестар во рамките на „Денови на македонската култура“ во Белгија.

Тој додаде дека овој настан е повеќе од културна програма, тој, вели, е порака за отвореност, соработка и заемно почитување. Потврда дека уметноста е универзален јазик што ги поврзува народите.

-На ден кога во Македонија се одбележува Денот на македонскиот јазик, потсетивме дека нашиот јазик е темел на нашиот идентитет. Тој не се мери со бројки, туку со љубовта, истрајноста и значењето што го носи. Да го чуваме, негуваме и пренесуваме – како аманет, како светлина, како сведоштво за нашето постоење. Македонија е во Брисел. И зборува гласно, достоинствено и со гордост, истакна министерот Љутков. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ