Градските власти спроведуваат широка и координирана акција за темелно чистење на коритото на реката Вардар.
Првиот човек на градот, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека акцијата опфаќа целосно расчистување на коритото по должина на течението на Вардар на територија на град Скопје.
–Екипите на јавните претпријатија работат координирано, при што паралелно се расчистуваат пешачките и велосипедските патеки по должина на кејот. Сè она што со години беше занемарено и што создаваше недолична слика за нашиот град, конечно заминува во минатото – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ова нема да биде еднократна активност, туку трајна практика.
– Кејот се одржува и се чисти секојдневно, затоа што скопјани, но и сите гости на нашиот град, заслужуваат убава, уредена и чиста метропола – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој упати апел до граѓаните одговорно да се однесуваат кон нашата животна средина.
– Реките, парковите и јавните простори се заеднички дом на сите нас и нивната чистота и убавина зависат од секој поединец. Вардар, скопскиот бисер, повторно ќе го носи својот сјај, онаков каков што му доликува на градот што го обединува – дециден е Ѓорѓиевски.












