четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Изнајмувањето соби преку апликации им ја отежнува работата на чесните бизниси

Изнајмувањето соби преку апликации им ја отежнува работата на чесните бизниси

55

Даночната дисциплина и фер конкуренцијата се неразделни во градењето здрава и одржлива економија. На средба организирана од Управата за јавни приходи преку Советот за даночна усогласеност, на тема „Усогласеноста и фер конкуренцијата одат заедно“, државните институции и бизнис-заедницата разговараа за конкретни мерки и партнерски пристап во намалувањето на сивата економија.

– Борбата против сивата економија е стратешка цел на Владата и важен дел од фискалната политика бидејќи директно придонесува за проширување на фискалниот простор и за економскиот пораст. Во таа насока, под координација на Министерството за финансии, повеќе државни институции неодамна потпишаа заедничка декларација за партнерство и координирана акција за формализација на економијата – велат од УЈП.

Посебно внимание на средбата беше посветено и на краткорочното туристичко изнајмување, вклучително и активностите што се одвиваат преку дигитални платформи.

– Сместувачките капацитети имаат значајно фискално значење и за централната и за локалната власт, но истовремено носат и исти ризици во однос на наплатата на јавните приходи од дејноста. Претставниците на локалната самоуправа ги истакнаа административните и системските предизвици што влијаат врз ефикасноста на наплатата на овие приходи, а со тоа и на финансиската стабилност и независноста од централната власт. Од угостителско-хотелскиот сектор посочија дека неформалноста во секторот претставува сериозна нелојална конкуренција за чесните бизниси, но и негативно влијае врз локалниот економски  развој – истакнуваат од УЈП.

Покрај членови на Советот за даночна усогласеност, на средбата учествуваа претставници од Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат, Општина Кавадарци, Центарот за микро, мали и средни претпријатија при Стопанската комора, како и претставници од бизнис заедницата од угостителско-хотелскиот сектор.

– Сивата економија е комплексен и системски предизвик кој со години е дел од економската реалност и затоа бара континуирани мерки, долгорочен и координиран пристап. Во својата програма за сузбивање на сивата економија, Управата за јавни приходи се води од принципот дека целта не е да се изрекуваат што повеќе казни, туку да се воспостави ред преку јасни правила, паметни контроли и еднаков третман за сите даночни обврзници – велат од УЈП.

Во изминатиот период УЈП посебен фокус стави на угостителството, трговијата на мало и одредени услужни дејности, каде што плаќањата претежно се вршат во готовина и постои поголем ризик од неевидентирање на прометот.

– Активности во овие сектори спроведува и Државниот пазарен инспекторат, што ја потврдува потребата од координиран институционален пристап. Учесниците на средбата нагласија дека сивата економија не е само прашање на неплатен данок туку и сериозен фактор што создава нелојална конкуренција и директно ги оштетува компаниите што работат чесно. Оттука, намалувањето на неформалната економија бара партнерство меѓу државните институции и бизнис заедницата – нагласуваат од даночната управа.

Во дискусијата беше истакната и улогата на современите технологии и на дигиталните алатки во подобрување на поврзувањето и размената на информации меѓу институциите, со цел неформалните активности да не останат во зоната на „невидливост“ и „неказнивост“. Воедно, беа посочени и одредени административни и финансиски оптоварувања со кои се соочуваат малите бизниси при исполнување на обврските кон државата.

ИЗДВОЕНИ