Катарската енергетска компанија „КатарЕнерџи“ склучува долгорочни договори за набавка на течен природен гас од американски и други производители, со цел да ги заштити приходите од можни прекини на испораките низ Ормускиот Теснец поради војната во Иран.
Извршниот директор на компанијата и катарски министер за енергетика, Саад Шерида Ал-Кааби, за „Ројтерс“ изјави дека затворањето на Ормускиот Теснец веднаш ги зголемува цените на гасот. Со набавка од други производители, Катар би можел да остварува приходи од продажба на гас и во периоди кога не може да го извезува сопственото производство.
Компанијата планира да обезбеди значително повеќе од седум милиони тони течен природен гас годишно. Во изминатите две недели веќе склучила договори за вкупно седум милиони тони годишно. Со американската компанија „Вудсајд“ потпишала 20-годишен договор за набавка на три милиони тони годишно од нејзините постројки во САД, а со „Чениер енерџи“ договорила до четири милиони тони годишно, со испораки до 2054 година. Испораките од вториот договор треба да започнат во 2031 година.
Ал-Кааби најави дека се водат преговори и со други производители, меѓу кои и американската компанија „Венчр глобал“. Катарската компанија планира да склучи дополнителни долгорочни договори со американски и други добавувачи.
Ал-Кааби објасни дека компанијата би можела да заработува од разликата меѓу пониските цени на гасот во САД и повисоките цени во Европа, со што делумно би ги надоместила загубите од ограничениот извоз. Сепак, американскиот гас не може автоматски да ги замени катарските испораки, бидејќи постојните договори ги утврдуваат терминалите од кои треба да се испорача гасот и крајните дестинации.
Катар обезбедува околу една петтина од светскиот извоз на течен природен гас, а сите негови испораки минуваат низ Ормускиот Теснец. Во средината на март, Иран нападна гасни постројки во катарскиот Рас Лафан, како одговор на израелскиот напад врз иранското гасно поле Јужен Парс. Во нападот биле уништени 17 проценти од катарските извозни капацитети за течен природен гас.
Според процените на Ал-Кааби, поправките ќе траат од три до пет години, период во кој „КатарЕнерџи“ нема да може да испорачува 12,8 милиони тони гас годишно. Компанијата ја продолжила примената на клаузулата за виша сила до крајот на годината, со што привремено ги суспендира обврските кон дел од купувачите во Италија, Белгија, Јужна Кореја и Кина.
Ал-Кааби изјави дека Катар би можел да ја обнови целосната работа на постројките во рок од една недела по постигнувањето мировен договор на Блискиот Исток, доколку има доволно бродови за транспорт. Сепак, поради уништените постројки, производството до завршувањето на поправките би можело да достигне најмногу 83 проценти од нивото пред војната.












