петок, октомври 30, 2026
Дома СВЕТ По примирјето што го издејствува Меланија Трамп: Одбрани американски новинари и инфлуенсери...

По примирјето што го издејствува Меланија Трамп: Одбрани американски новинари и инфлуенсери ќе влезат во Олешки, за да се претстави Путин како хуманитарец

1

Олешки ќе стане сцена на пропагандна турнеја за претставници на медиумите, кои ќе се движат низ градот во придружба на руската армија. Што и да дознаат тие новинари за животот во Олешки, речиси е сигурно дека нема да биде вистинската слика за реалноста, пишува „Атлантик“

На одбрани американски новинари и инфлуенсери блиски до администрацијата на претседателот Доналд Трамп, оваа недела, Русија ќе им дозволи да го посетат окупираниот украински град Олешки, кој практично е отсечен од светот со месеци. Посетата се организира откако беше постигнато хуманитарно примирје со посредство на првата дама на САД, Меланија Трамп, но во исто време има сериозни предупредувања дека Кремљ подготвува пропагандна операција за да ги прикрие страдањата на локалното население и за да ги претстави руските сили како спасители.

– Олешки сега стана место на хуманитарно примирје, кое го договорила американската прва дама, Меланија Трамп, иако Украина долго време бара пристап до цивилното население од тој град за да може да му достави хуманитарна помош или да му овозможи евакуација на безбедно место. Русија го дозволува тоа дури сега. Во исто време, Олешки ќе стане сцена на пропагандна турнеја за претставници на медиумите, кои ќе се движат низ градот во придружба на руската армија. Што и да дознаат тие новинари за животот во Олешки, речиси е сигурно дека нема да биде вистинската слика за реалноста – пишува „Атлантик“.

Градот се наоѓа на источниот брег на Днепар, спроти Херсон, кој е контролиран од украинските сили. Пред војната, имал околу 24.000 жители, додека денес во него се останати помалку од 2.000 цивили. Тие живеат во исклучително тешки услови, без сигурен пристап до храна, вода и до лекови, додека руските беспилотни летала ги надзираат улиците и патиштата. Според Институтот за проучување на војната, руските власти постојано спречувале евакуација на населението и испорака на хуманитарна помош. Градот стана симбол на она што се нарекува „опсада со беспилотни летала“, бидејќи дроновите го следат движењето на цивилите, а нагазните мини го отежнуваат доставувањето на помошта. Људмила, жена што оваа пролет успеала да избега од Олешки, но чии најблиски роднини останале таму, за „Атлантик“ зборува за годините насилство, глад и страв, во кои руските војници окупирале куќи на цивили, а жителите се обидувале да преживеат без основни услови за живот.

– Олешки е вештачки создаден пекол среде цивилизираниот свет – пишува таа. По постигнувањето на таканареченото Меланиино примирје, според нејзиниот висок советник, рускиот претседател, Владимир Путин, лично инсистирал за нејзино вклучување и рекол дека од руска страна единствено таа ќе биде признаена како посредничка. Аналитичарите предупредуваат дека зад ненадејната подготвеност на Москва за соработка може да стојат политички интереси.

По постигнувањето на таканареченото Меланиино примирје, според нејзиниот висок советник, рускиот претседател, Владимир Путин, лично инсистирал за нејзино вклучување и рекол дека од руска страна единствено таа ќе биде признаена како посредничка. Аналитичарите предупредуваат дека зад ненадејната подготвеност на Москва за соработка може да стојат политички интереси.

– Со тоа што ѝ дозволуваат на Меланија да си ги земе заслугите, тие го зајакнуваат својот углед меѓу поддржувачите на МАГА како миротворци пред среднорочните избори – вели поранешниот британски воен аташе во Киев и во Москва, Џон Форман, за „Киев индепендент“.

Според „Атлантик“, само на одбрани американски медиуми и инфлуенсери ќе им биде дозволен пристап до градот, додека на повеќето украински и независни меѓународни новинари им е забранет влез. Со тоа, постои реален сомнеж дека на посетителите би можело да им се претстави внимателно подготвена слика на руски војници што делат храна, им помагаат на старите лица и организираат евакуација. Разговорите со жителите, веројатно, ќе бидат следени, а новинарите ќе бидат придружени од преведувачи обезбедени од руските власти.

Проблем е тоа што цивилите, кои се целосно зависни од окупаторските власти за храна, лекови и можност за напуштање на градот, тешко можат слободно да зборуваат пред руските војници. Авторот верува дека руските сили, по неколкумесечен недостиг на основни потреби, ќе се претстават како хуманитарни спасители токму на оние луѓе чие страдање и изолација претходно ги предизвикале. И покрај предупредувањата за можна злоупотреба на пропагандата, украинските власти го прифатија договорот, бидејќи евакуацијата би можела да ги спаси животите на преостанатите жители на Олешки.

ИЗДВОЕНИ